Уставниот суд ја отфрли иницијативата на Жерновски за донесените ДУП-ови

Уставниот суд нема да поведе постапка за оценување како советот на општина Центар во јули и август годинава ги донел одлуките за Деталниот урбанистички план на општината за неколку локации-Капиштец, Долно Водно, Старо Водно, Тасино Чешмиче и други.

Уставниот суд ја отфрли иницијативата на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски со образложение дека нема надлежност да ја оценува постапката како се носат одлуки.

– Оценувањето на одлуките не е уставна категорија, освен во случај на Бадентерово мнозинство. Надлежен за надзор на општинските одлуки е Инспекторатот за локална самоуправа, велат од Уставен суд.

Судијата-известител Никола Ивановски, во текот на расправата, предложи судиите да ја отфрлат иницијативата, бидејќи според него ирелевантно е гласањето на Советот, а од аспект на законот за просторно и урбанистичко планирање, нема прекршување.

Советот на општина Центар, пред четири месеци ги изгласа ДУП-овите, со 11 гласа ЗА и еден воздржан на претседателот на Советот – Шиповиќ.

Ваквата одлука Жерновски ја оспори како незаконска, повикувајќи се на законот за локална самоуправа кој бара мнозинство од вкупниот број советници, или 12 во случајот на општина Центар.