Уставниот суд минатата година постапил по 98 закони

Уставниот суд на Република Македонија во 2014 година најголем дел од својата работа посветил на оценување на согласноста на законите со Уставот, односно од вкупно 173 примени предмети во 98 од нив биле оспорени закони. Ова го истакна претседателката на Уставниот суд Елена Гошева на денешната прес-конференција посветена на работата на Судот во 2014 година, пренесе МИА.

И покрај тоа што податоците покажуваат дека најголемиот број иницијативи се однесуваат на оспорени закони, Гошева посочи дека бројот на интервентни одлуки е релативно мал, поради тоа што немало основа за нивно уставно проблематизирање.

Уставниот суд минатата година постапувал по вкупно 299 иницијативи, од нив 173 беа примени во 2014, а 126 биле пренесени како незавршени од претходната година.

– Судот заврши 193, додека 106 иницијативи останаа како незавршени. Најголем број односно 143 иницијативи се поднесени од граѓани, а останатите се поднесени од други правни лица, претпријатија, здруженија, политичи партии и други организации, истакна Гошева.

Во 2014 година Судот со одлука за укинување заврши 11 иницијативи, по 63 иницијативи не најде основ за поведување постапка, 31 иницијатива отфрли со решение, во два случаи постапката е запрена, а една иницијатива е завршена по административен пат.

– Анализата на податоците покажува дека вкупниот број примени предмети во 2014 година е незначително зголемен во однос на претходната 2013 година, кој изнесуваше 170 предмети, рече претседателката на Уставен суд.

Уставниот суд во 2014 година имал буџет  од 33.722.000 денари, осносно 545.663 евра и во тие рамки, како што рече Гошева, обезбедил целосно тековно и непречено работење.

Одговарајќи на новинарско прашање, Гошева потенцира дека уставните судии не работата под политички притисок ниту од власта, ниту од опозицијата. – Судиите постапуваат по сопствено убедување и одлуката ја носат јавно на седница без претходни договори кој како ќе гласа, рече таа и додаде дека постоењето на издвоени мислења на судии кои не се согласуваат со одлуката на Судот по одредени иницијативи е право на секој судија.

Судијката Наташа Габер-Дамјановска, која почесто се јавува со издвоени мислења, рече дека минатата година имала 10 издвоени мислења по однос на одлуки на Судот, но оти не чувствува никаков притисок во својата работа.

– Последните години мислам дека Судот не е подлежен на политички притисоци, па и јас. Во однос на моите издвоени мислења јас се држам до мојата заклетва дадена прд граѓаните на Република Македонија и пред Собранието дека одговорно и совесно ќе ја вршам својата функција во согласност со Уставот и законите и јас ги гледам така предметите. Но онаму каде што сметам дека предметите не се сообразни со Уставот и законите јас тоа го издвојувам како мислење, вели Габер-Дамјановска.

Судијата Владо Стојановски исто така посочи дека нема политички притисоци при одлучувањето. Додаде дека иницијативите што се разгледуваат од страна на судијата-известител, потоа се разгледуваат на седница и секој судија гласа по сопствено убедување.

Гошева не сакаше да ги коментира разговорите кои ги објави опозицијата во неделата, а се однесуваат на иницијативата на Андреј Жерновски за ДУП-от на општина Центар. – Уставниот суд носи одлука со гласање, одлуката не ја носи ниту самиот судија, ниту претседателот на Судот. Немам коментар, рече Гошева.

Таа посочи дека Уставниот суд на Република Македонија успешно се справува со надлежностите за заштита на човековите права и слободи што му се определени со Уставот, а со носењето на новите уставни амандмани ќе има и проширена надлежност.

Фотографија: МИА