Уставот не предвидува давање на мандатот по втор пат, можен длабок раздор

Устав на РМ

Уставот на Република Македонија не предвидува давање на мандатот по втор пат, потенцираат аналитичарите откако лидерот на СДСМ вчера достави потписи од 67 пратеници до претседателот Ѓорѓе Иванов.

Уште кога почна оваа уставно-правна какафонија, со давање мандат за состав на Влада, реков и сега ќе повторам дека согласно Уставот не постои можност да се даде мандат на некој втор или трет мандатар ако првиот мандатар не успее во уставно-утврдениот рок од 20 дена да го утврди составот на новата Влада. И бидејќи Уставот е недоречен во овој дел, политичарите, но и институциите во целиов период постојано се повикуваа на праксата од 1992 година, кога поранешниот претседател Киро Глигоров одлучил да излезе од рамката на Уставот и преку одредени интуитивни толкувања на Уставот се обидел да ја надмине недоречената уставна норма, вели за Нетпрес, професорката по уставно право Тања Каракамишева Јовановска.

Мандатот за формирање на Влада да не се дава ниту на Зоран Заев, ниту на било кој друг, апелира универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски сметајќи дека повторното давање на мандат ќе биде противуставно и ќе предизвика конечен раскол меѓу граѓаните.

Апелирам до Ѓорѓе Иванов, како кон мој пријател и колега, мандатот за формирање на нова Влада да не го даде ниту за Зоран Заев, ниту на било кој друг, затоа што според Уставот на Република Македонија не е предвидено давање на мандатот по втор пат,  давањето на мандат, сеедно кому ќе биде даден и програмските определби на партијата/партиите кои ќе треба да ја состават новата Влада, не само што е антиуставно, туку директно ќе ги турне нејзините граѓани кон конечен меѓусебен раскол, со можна воена разврска. На тој начин, Република Македонија никогаш нема повторно да доживее воена разврска. На тој начин, Република Македонија никогаш нема повторно да доживее мирен живот, достоен за секое човечко суштество. Оттука, како единствено решение од сегашнава ситуација е распишување нови избори, бидејќи било кои избори се подобро решение од кршењето на Уставот и конечно разнебитување на Република Македонија, кое е мотивирано единствено за задоволување на нечии туѓи интереси, смета Цуцуловски.

Според него, Република Македонија во моментов е на раб од бездна, од која ќе нема враќање. Претседателот Иванов е должен да го почитува Уставот и да го чува уставниот поредок на земјата, истакнува Каракамишева Јовановска.

Иванов е должен да го почитува и да не отстапува од Уставот во ниту еден момент и под никаков внатрешен или надворешен притисок. Претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите, потенцира универзитетската професорка.

Таа порачува дека уставното толкување не може да биде замена за уставна норма и оти никој нема право да „пополнува“ уставна празнина, а посебно не да уредува прашања од суштествено значење за цела држава преку субјективно и интуитивно толкување на нормите, затоа што, како што додава, таквата состојба оди директно против уставноста во државата, владеењето на правото и ја руши правната сигурност на граѓаните.

Политичарите и институциите не се тука да ни пополнуваат уставни или законски празнини така како што некому му е по волја или од интерес, туку да работат во согласност со Уставот, законите и да го почитуваат актот пред кого и положиле заклетва пред да ја преземат функцијата. Оттаму, претседателот Иванов има обврска да го почитува Уставот пред кого и положил заклетва, има обврска да го чита така како што е напишан, а не да се раководи по праксата на покојниот Глигоров, и има обврска да не излегува од уставно утврдената норма само за да задоволува нечии партиски, лични и странски интереси, вели во изјавата Кракамишева Јовановска.

Инаку, претседателот Иванов по одделните средби кои пред извесно време ги оствари со лидерите на политичките партии во земјава, освен доказ за обезбедено парламентарно мнозинство од најмалку 61 пратеник, рече дека очекува од оние што ќе ја составуваат новата влада како приоритети да ги имаат зачувување на унитарниот карактер на државата и реформи во безбедносните служби.

Од оние што ќе ја составуваат новата влада барам во својата програма да имаат два клучни приоритета: Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија, истакна тогаш македонскиот претседател.

Лидерот на опозицијата пред да му ги достави потписите на Иванов рече дека очекува мандатот да у биде врачен во најбрзо време, односно, како што брифираат од неговата партија, најдоцна до утре.

Очекувам господинот Иванов да го врачи мандатот во најбрзо можно време за да може да отпочнеме преговори за создавање и формирање нова влада за граѓаните на Република Македонија. Истовремено, ја користам можноста да испратам порака до сите граѓани, но и до институциите на државата, дека следува мирен и брз трансфер на власта во Република Македонија, изјави Заев.

Тој е убеден дека потписите овозможуваат да заврши кризата во Македонија и државата да се придвижи напред.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.