Уште еден чекор кон ликвидација на македонскиот идентитет

Отворено писмо до движењето Беса и македонските граѓани 

Пред неколку дена, генералниот секретар на движењето „Беса“, Африм Гаши изјави дека неговата партија ќе бара формирање техничка влада, која преку еден поширок консензус би го решила проблемот со името.

Веќе е беспредметно да повторуваме дека решавањето на проблемот што Република Грција го има со нашето вековно име и идентитет може да се реши само на наша штета. Ова е кристално јасно од фактот што сите добро ги знаеме грчките црвени линии од кои тие немаат намера да отстапат. Илјадапати сме повториле дека изместување на само една буква од нашето уставно име ќе значи и ликвидација на македонскиот идентитет, што е крајна цел на овој геноциден процес поддржан од САД и ЕУ.

Како што цврсто застанавме против идејата за референдум за Името, така сме и против техничка влада која ќе го решава проблемот на официјална Атина со нашето идентитетско постоење. Ниту идната коалициона влада, ниту создавањето на некаква техничка влада не смее да се впушта во какви и да е авантури при кои на удар ќе бидат македонските национални интереси.

Македонски манифест сака да и порача на новата парламентарна партија „Беса“ дека ниту НАТО, ниту ЕУ се поважни од македонскиот идентитет, кој произлегува од името на нашата држава Република Македонија. Тоа што Грција има проблем со нашето постоење како народ и држава е нивна лична фрустрација, која за жал е поддржана од меѓународната заедница. Но, името на Македонија и македонскиот народ се постари и од НАТО и од ЕУ, македонскиот народ ги преживеал сите видови на геноцид и егзодуси спроведени за наше исчезнување, па затоа нема да дозволиме денес кога конечно имаме своја држава, сами да се обезличиме. Ниту ВМРО ДПМНЕ, ниту СДСМ, а најмалку Беса, смеат да си играат со македонскиот идентитет.

Истовремено, Македонски манифест, сака да ги предупреди Македонците да бидат будни и спремни на сè, затоа што ваквите изјави што сега ни доаѓаат и од движењето Беса, воопшто не се наивни, туку напротив, насочени се кон наша идентитетска ликвидација која треба да биде спроведена со политичка одлука на домашните политички партии.

Македонски манифест

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.