Усвоен нацрт-закон за новиот државен грб, ќе следи јавна расправа

Владата предмалку на владина сендица го усвои нацрт- законот за државен грб, по што ќе следува јавна расправа, пишува Курир повикувајќи се на информации од Владата.

Од Владата додаваат дека со новиот државен грб, ќе се постигне поголема обединетост на граѓаните заради елементите кои се содржани во него.

Како што претходно објави телевизија Алфа, Македонија ќе добие нов државен грб со црвен разгневен лав во златно – жолт штит со круна во горниот дел.

Причините, кои се образложени во предлогот, се враќање кон историските симболи. Македонија и Белорусија се единствените земји во Европа кои се уште користат амблеми инспирирани од советска хералдика.

-Сегашниот грб на Република Македонија е во целост дизајниран според грбот на Советскиот Сојуз, според кој беа дизајнирани и грбовите на сите Советски Републики… Задолжителните елементи на сонце, ѕвезда петокрака, житни класје поврзани со лента со народни мотиви, го симболизираа ‘посветлото опшество на комунизмот’ до кое се доаѓа преку трудот на работничката класа и земјоделците, стои во предлогот кој го објави Алфа.

Новиот дизајн на црвениот лав е базиран на историските грбови, илустрациите на Верланд од 1481 и грбовникот на Бароад од 1581 кој преку стемографиите на Витезовиќ во 1694 и Жерафовиќ во 1741 станал и земски грб на Македонија.

Златно – жолтата круна која е украсена со бисери и рубини треба да го симболизира републиканското уредување на државата.

-Со тоа се цели да се истакне и прикаже суверенитетот и интегритетот на државата… Со донесување на овој грб, Македонија ќе се вброи во семејството на европските земји, како земја со европски стремежи, кои се грижат за своето минато, но и за својата иднина, промовирајќи заедништво и врзувајќи се за симбол кој не носи никаква поделба по ниту еден основ во себе, туку напротив создава единство на сите што живеат на овие простори, стои во предлогот.

За да се промени симболот потребна е измена на Уставот односно двотретинско и бадентерово мнозинство, кое како што пренесе Алфа, веќе е договорено меѓу коалициските партнери. Од Владата потврдуваат дека Нацрт законот за новиот државен грб е предмалку усвоен и ќе следува јавна расправа. Додаваат дека со него ќе се постигне поголема обединетост на граѓаните заради елементите кои се содржани во истиот.