Усвоен предлог-законот за мирно решавање на работните спорови во прво читање

Пратениците денеска го усвоија предлог законот за изменување и дополнување на Законот за мирно решавање на работни спорови, во прво читање, во рамки на 80-тата седница. Овој предлог закон, спортед нив е прифатлив и може да се даде на второ читање.

„Целта на измените е воспоставување нов, порационален модел за мирно решавање на работните спорови со помали финансиски ресурси и обезбедување тековно функционирање на систем на мирно решавање на работните спорови“, рече заменик-министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

Цветанка Ивановска од СДСМ рече дека Владата предлaга измени и дополнувања на, како што рече, „мртов“ закон, донесен во 2007, а кој ќе почне да се применува во 2015 година.

„Нема да го поддржиме овој закон затоа што не се имплементира одлука, заклучок на Влада. Владата му препорачува на МТСПП од Законот за мирно решавање на работните спорови да ги извади индивидуалните спорови и тие да преминат во Законот за работни односи или во Законот за медијација, а да останат само колективните спорови“, рече Ивановска.

На денешната седница на Собранието во прво читање поминаа и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за семејството и Предлог-законот за дополнување на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија.