Усвоен Законот за просторно и урбанистичко планирање

Пратениците на денешната 39. седница ги усвоија и измените и дополнувањата на Законот за просторно и урбанистичко планирање, по скратена постапка, пренесува МИА.

Причина за носење на законот, појасни еден од предлагачите, пратеничката Лилјана Затуроска,  е потребата од доуредување на постапката за усвојување на планската документација кога во планскиот опфат има градби со намена здравствена заштита, социјална заштита и групно домување во функција на образование. Со предложените решенија, според неа, ќе се овозможи дополнителна проверка на почитувањето на стандардите и нормативите во постапката за носење планска документација во случаи кога предмет на планирање се градби со намена здравствена заштита, социјална заштита, образование и групно домување во функција на образование.

Со законот се врши допрецизирање на графичкиот дел од деталните урбанистички планови и се предвидува наместо без определени градежни линии да биде со определени градежни линии. Се утврдува податоци и информации при изработка на урбанистички планови, урбанистичко плански документации и урбанистичко-проектни документации да се бараат и од органот надлежен за социјална заштита.

Според Олга Најденовска пратеник од ВМРО – ДПМНЕ, со законските измени, меѓу другото, се бара мислење за конечен предлог на урбанистички план и од органите надлежни за здравствената и за социјалната заштита и за образованието.

Пратеничката Лилјана Поповска се изјасни дека нема да гласа за овие законски измени затоа што смета дека најпрво треба да се донесе закон за зеленило. – Се зборува за многу прашања во овој закон. Видовме премногу пренамена на градби и лесно интервенирање во урбанистичките планови досега. Се работи само за натамошно олеснување на инвеститорите да прават што сакаат со нашиот простор, рече Поповска.

За пратеникот Рамиз Мерко кога се говори за градежно земјиште и урбанистичко планирање, секогаш произлегуваат сомнежи, а неговото искуство како градоначалник, рече, покажува дека постои голем интерес за донесување детални урбанистички планови, затоа што тоа е голема потреба на целата држава, на сите институции, на бизнисот и на сите граѓани. Според него, најголемиот хаос е во непочитување на градежните линии или нивото на градење согласно ДУП.