Усвоена студијата за изградба на мрежата за гасификација

Владата ја усвои физибилити студијата за склучување јавно приватно партнерство за изградба на дистрибутивната мрежа за природен гас во источна и западна Македонија. Јавните повици ќе бидат објавени до крајот на идниот месец.

Дистрибутивната мрежа го опфаќа и скопскиот регион за кој веќе се распишани јавните повици. Досега се пријавени две компании, а евалуацијата е во тек.

– Вкупната инвестиција за дистрибутивната мрежа долга над 650 километри ќе биде 150 милиони евра од кои 100 за скопскиот регион, а 50 за другите два, источниот и западниот, истакна вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски.

Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, изградбата се очекува да трае четири години. Со мрежата, ќе бидат опфатени 37 општини во источниот дел од земјава, додека во западниот 26 општини.

Министерот за економија Беким Незири, истакна дека бенефитот од снабдувањето со природен гас ќе биде огромен, особено од економски аспект.