Утре бесплатен воз од Скопје за Демир Капија

капија

На тој начин сите заинтересирани ќе можат да бидат дел од традиционалната манифестација посветена на грозјето и производите од него, која ја организира демиркаписката општина.

Како што информираа денеска од Службата за односи со јавноста при локалната самоуправа, возот во Демир Капија ќе пристигне во 10:00 часот, а ќе се враќа за Скопје во 15:00 часот. За време на манифестацијата, на плоштадот ќе има бесплатно јадење и пиење, шведска маса и вино и ракија.

Во рамките на манифестацијата „Недела на традицијата Св.Трифун“, општината организира бројни активности и натпревари за лозарите и за домаќинките. Се стартува утре со подигање на фестивалското знаме, а во Музејот на виното во 19:00 часот ќе има Изложба на фотографии од ископувањата на археолошките локалитети во Демир Капија (Просек, Стрезов Град, Маркова Кула и Црквиште) 2015-2016 година, од авторот археолог Орданчо Петров.

Во сабота на програмата се натпреварите во закројување и најдобри домашно произведени вина и ракии, како и трибина „Производство на домашно вино и домашна ракија со примена на традиционални и иновативни технологии“” од предавачите магистер Андон Крстевски, директор на винарија „Стоби” и магистер Борис Нечев, енолог во винарија „Бовин”.

За недела е предвидена Мастер клас дегустација за вип личности, на која гости ќе бидат претставници на дипломатскиот кор. Во Кралска винарија „Гама”, ќе се презентираат по две врвни вина (бело и црвено) од винариите од Тиквешкиот регион „Бовин”, „Стоби”, „Гама”, „Тиквеш “и „Повардарие”. Во понеделник е натпреварот за најдобра трпеза со традиционални јадења во винаријата „Гама”.

Централниот настан ќе биде во вторник кога ќе има свечено закројување на винова лоза, базар за традиционални производи и културно уметничка програма. Ќе настапат КУД „Мирка Гинова” и естрадните уметници Блага Петреска, Евто Пупиновски, Јордан Митев, Виолета Томовска, Адријана Алачки, во придружба на оркестарот на „Зајди, зајди”.