Утре дожд и значително намалување на температурите

Времето утре ќе биде врнежливо. Значителна количина на дожд се очекува во западниот регион, каде локално се очекува да наврнат и над 30 литри на квадратен метар. На планините, на височина над 1400 метри, се очекува нов снег. Позначителна нова снежна покривка може да се очекува на планините во западниот регион.

Во текот на денот ќе дува умерен, а локално и засилен ветер од југоисточен правец. Ветерот ќе го смени правецот во северен во текот на вечерта.

Температурата ќе биде значително пониска во однос на денес.

Максималната вредност низ котлините во просек ќе има вредност околу 7, додека во јужниот тек на Вардар се очекува максимална околу 11 степени Целзиусови.

Во ноќта кон петок, локално на повисоките населени места во северниот и западниот регион, врнежите од дожд постепено ќе преминуваат во снег и дожд мешан со снег.

Во текот на денот врнежите ќе продолжат, но со значително помал интензитет во однос на четврток. Во петок претпладне ќе биде поврнежливо во однос на попладневните часови.

Минималната температура низ котлините во петок ќе има вредност малку над нулата. Максималната температура ќе биде во дијапазонот од 6 до 9 степени низ котлините, а на повисоките места таа ќе има вредност околу 2 Целзиусови степени.

Сабота ќе помине во претежно облачно време со повремени и локални врнежи кои на повисоките места ќе бидат од снег.

Температурата во однос на онаа од петок ќе биде пониска за околу еден степен.

Во недела ќе започне периодот на стабилизација на времето. Облачноста значително ќе се намали. Температурата ќе биде слична на саботната.

фото: МИА