среда, 24 мај 2017  |  Вести денес: 42

Утре е Велики Четврток – Првото црвено јајце има магична моќ

88490_shutterstock-179923808_630x0

Поврзани вести

Утре е Велики четврток, ден кога се фабаат велигденските јајца. Сега се наоѓаме во средината на Страдалната седмица, седмица која е полна со важни настани за спасението на човекот. Во четвртокот од таа последна недела на Христовиот живот на земјата беше востановена животоносната тајна на Црквата, тајната на Евхаристијата. Таа тајна е востановена во горната соба од една ерусалимска куќа, кога Христос зеде леб, го прекрши и им подаде на учениците, т.е. на апостолите, а зеде и чаша со вино и исто така им ја подаде да пијат, со што ја најави својата смрт и таинствениот трепет што треба да го имаат учениците, зашто по неговата смрт беше јасно дека нешто ќе се случи. Таа тајна е изворот на целокупното богослужење на Црквата, а нејзиниот централен дел е причестувањето со телото и крвта Христова.

Главен обичај што се изведува на овој ден и со посебно внимание е вапцувањето на велигденските јајца. Според обичајот најпрвин се вапцувале три јајца, а потоа и другите. В. Кличкова запишала дека во Порече, а тоа го среќаваме и во други краишта на Македонија, првото јајце било наменето на Господ и се викало Господово јајце, второто на домаќинот – главата на семејството, а третото на стоката и бериќетот. Особено повеќе обичаи и верувања се поврзани со јајцето првак за кое се верува дека има магиска моќ. Тоа подоцна стои пред иконата, со него се враќа облак, се лекуваат болести кај луѓето и стоката, тоа заштитува од пожар, гром и сл.

Јајцата ги вапцува домаќинката рано наутро пред да изгрее сонцето, зашто се верувало дека ако тоа се направело подоцна јајцата ќе се засмрдат. Вапцани пред да ги види сонцето, овие јајца, особено првакот, не се расипуваат и по неколку години. Кога ги вапцува јајцата домаќинката мора да има нешто јадено или да има каснато барем еден залак леб, зашто ако тоа го прави на гладно срце, јајцето може да ја разбие, да се разболи или да е несреќна, а и таа ако го разбие тоа ќе ја загуби магиската моќ.

Насекаде во Македонија, на Велики четврток, рано пред изгрејсонце, првото јајце се става во сито и се обесува на дирекот од куќата или на друго место спроти сонце за да го видат првите сончеви зраци. Во некои краишта во ситото ставаат едно во други две или три јајца. Исто така, во некои краишта во ситото ставале и жито, некаде и срп за богат бериќет или сукало, за да се сучи касметот. Ситото било покривано со црвен машки појас или со друга ткаенина но секогаш со црвена боја.

По вапсувањето на јајцата, но пак рано пред изгрејсонце, домаќинката го земала јајцето првак и на децата, уште додека биле в постела, им минувала три пати по лицето зборувајќи: „Црвено бело дебело“ или: „Црвено бело здраво и живо“, што значи да се дебели како јајцето, но и црвени во образите, што е ознака за здравје и напредок.

Во Скопско, како што запишала Милица Георгиева, јајцата се бојадисувале не само пред сонце туку и пред да удрело клепалото од црквата зашто таквите јајца помалку се кршеле и подолго време не се расипувале. Е. Спространов сведочи дека во Охрид вечерта се носеле во црквата неколку црвени јајца „за да чует дванајсет ванѓељја“, а потоа едно од нив закопувале во нивата или во лозјето „за бериќет“. И Стефан Тановиќ во записите од Гевгелиско сведочи за одење во црквата каде што се слушале дванаесетте евангелија, а за тоа време секој во рацете држел свеќи. Таа свеќа, пак, што се држела додека се читало последното евангелие се носела дома и од неа се палело кандилото пред иконата.

Со Велики четврток се поврзани и други обичаи и верувања. Така на пр. Стефан Верковиќ забележал дека во с. Мачуково, во егејскиот дел на Македонија, „таа ден колко црни кокошки снесат јајцата, и бележуват сус кониц, да напкум ’и закопуват уф лозјата, за да не ’и удре грат“. Кузман Шапкарев забележал обичај според кој малите моми замесувале за прв пат тесто, кое потоа со црвените јајца (чиј број бил колку што имало членови семејството) го носеле во црквата за таму да преспие додека се читале дванаесетте евангелија. Со тој квасец по празникот замесувале леб.

На Велики четврток се запотнува, како што тоа се прави на сите Величетвртоци до Спасовден кога и не се работи, како што запишал Е. Спространов „за да не бијат град“. Запотнувањето се прави на тој начин што се става потка на клучките од вратите, потоа на долапите, стомните, грнците, амбарите, каците, бочвите и други места. За потка се користат билки за кои се верува дека имаат волшебна моќ како што се: кукурек, вратика, челинок, понекогаш се запотнува со гранки од леска, дрен, и др. Се запотнува за здравје но и со верување дека на тој начин луѓето, стоката и објектите ќе се заштитат од разни болести, несреќи, елементарни непогоди и сл.

На Велики четврток се изведуваат и други обичаи. На пр. се јаде пресен зелник со зелје, потоа девојките си ги мијат косите, а во водата ставаат црвено јајце и здравец, за здравје. Во Мариово, како што запишал Милан Ристески, овчарите потстригувале неколку овци за потоа да стрижат во четвртоците, жените заплевувале во нивјето за потоа и тие да можат да плеват во овие денови, а мажите уште и оделе по дрва но без секира за да не треска град.

Најчитани вести