Утре истекува рокот за барања за легализација на дивоградби

Утре истекува пролонгираниот рок за поднесување барања за легализација на дивоградби.

Со последните измени на Законот за третман на бесправно изградени објекти се овозможи да се поднесе барање за легализација до 31-ви овој месец до општините каде е изграден објектот. Услов е објектот што е предмет на легализација да е изграден заклучно со 3 март 2011 година. За новоподнесените барања е определен рок за доставување геодетски елаборати до крајот на наредната година.Барања за легализација заклучно со утре ќе може да поднесат и компаниите што имаат инфраструктурни објекти, оптички, бакарни кабли, водоводи и друга инфраструктура.

Согласно законските измени, за до крајот на годинава е пролонгиран рокот за доставување геодетски елаборати за барањата за легализација поднесени во 2011 година. Со тоа, според Министерството за транспорт и врски, би се комплетирала документацијата и општините ќе може да ги решат предметите.

Пролонгирањето на рокот за доставување геодетски елаборат за една година беше направено со цел на граѓаните да им се остави простор да имаат време за достава на елаборатите кои се клучен документ во процесот на легализација, а на геодетските фирми полесно да ја вршат работата бидејќи со претходниот рок немаат доволно време да ги изработат сите поднесени барања.

Се уште трае и можноста за социјално ранливите категории да добијат бесплатни елаборати. Како што информира викендот министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски во отчетот за сработеното, досега се изработени 5.300 бесплатни елаборати за социјални ранливи граѓани. Од почетокот на процесот на легализација што почна во 2011 година досега правен статус добија над 147.000 нелегално изградени објекти. Во меѓувреме во општините продолжува доделувањето на новоизготвените решенија. За денеска е најавено доделување нови решенија за легализација во Општина Ѓорче Петров во присуство на министерот за транспорт и врски Мисајловски.

Во претходниот рок, од 2 март до 3 септември 2011 година, беа доставени 360.000 барања за легализација на дивогради.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.