Утре ќе се одбележи Денот на Охридското езеро

Со цел подигне јавната свест и да се покаже грижата за заштита на езерото од македонска и од албанска страна, но и дека туризмот е базиран врз ендемизмот и еколошките услови што ги нуди охридскиот регион, утре ќе се одбележи Денот на Охридското езеро.

-Важно е колку е старо Охридското Езеро, но уште поважно е колку ние ќе го заштитиме, ова денеска го порачал Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро во пресрет на одбележувањето на Денот на езерото – 21 јуни.

Воспоставувањето на Денот на езерото, пред 16 години пред се било поради неговата важност, но и да се покаже дека и македонската и албанската страна се заедно во заштитата на езерото, институционално и легислативно преку транспонирање на програмите и директивите на Европската унија во законодавството на двете земји дека имаме желба и капацитети да се грижиме за него и да се отвори една порта за соработка меѓу науката, технологијата и политичарите кои носат одлуки.

– Шеснаесет години подоцна можеме да кажеме дека во одредени делови сме успеале околу заштита на Охридското Езеро, но се соочуваме и со нови предизвици кои произлегоа овие години, пред се поради интересот за економски развој на општините од двете страни. Предизвици кои од нас бараат дополнителни напори за да ја објасниме еколошката приказна дека овој регион треба да остане автохтон, да остане присутно она што е ендемично, бидејќи тоа е приказната што можеме да ја продадеме за себе си и за сите што имаат интерес за Охрид. Охридскиот регион да остане една оаза, не заради УНЕСКО и признанијата од меѓународните организации, туку пред се заради нас. Или сами ќе се штитиме или никој нема да не заштити, нагласил Пановски.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски, нагласил дека езерската полиција е еден од најактивните чинители во заштитата на Охридското Езеро.

Во рамките на одбележувањето на Денот на езерото во недела ќе биде организирана велосипедска трка, чистење на охридското крајбрежје, плажите,…

Денот на Охридското Езеро се одбележува од 21 јуни 2000-та со различни активности, наизменично секоја година во трите езерски градови – Охрид, Струга и Поградец.