Утре КМ#33 На Точак во зима, не е ладно!

Утре, среда, 28.01.2015 година, пред ГТЦ во 17:30 часот на Плоштад Македонија, ќе се одржи Критична маса #33 – Не, не ми студи!

Повик до сите точакољупци кои се НаТочак и во зима, да споделат свои фотографии со пораката “Здраво, јас сум ——, НаТочак сум и во зима, и НЕ, не ми е ладно!” во инбокс. Да одговориме на вечното прашање – Па добро бе, не ти е ладно НаТочак?!? и воедно да ги охрабриме оние кои не возат во зима, да пробаат.

Секој месец е за на точак. Јануари, исто така.

Скопје знае да биде неподносливо жешко, но не и неподносливо ладно. Врз нашето субјективно чувство повеќе влијаат драматичните најави за поларна зима и претставата за јануари, а не дека е надвор навистина толку студено.

Не е!

10931367_788668597867621_4857917272131323598_n

Точак се вози и на многу пониски температури, на -10, на -20! Во северните земји како што се Холандија, Данска, Германија, Финска, сосем е вообичаено секојдневните обврски да се завршуваат на точак, без оглед на времето, без разлика дали врне снег, или дува ветер и е студено – таму точакот се користи во текот на целата година. Нормално е да се вози на тие температури, а особено не студи на температури околу нулата, како во Скопје.

Греењето почнува да работи веднаш штом ќе се качите на точак! Ако не сте пробале да возите точак во зима, пробајте барем еден ден, направете промена во своето секојдневие и наместо со кола, автобус или пеш, појдете со точак по работа, и уживајте во возењето.

Преминот од ладното надвор во топло внатре е прекрасно доживување што ја забрзува циркулацијата и, заедно со целокупното искуство, го подобрува и имунитетот.

10926462_788668707867610_885519682845265133_n

Не, не настинувам оти возам точак и во зима! Напротив, станав поздрав.
Не, не сум поизложен на штетните гасови! Возам бавно и по потреба носам заштитна маска. Воздухот е ист и во кола, а јас барем не придонесувам кон загадувањето.

И не, не ми е ладно!

10689964_788668537867627_2918370144361888588_n

Зошто да дозволите студот да ве спречи да се превезувате на точак низ Скопје? Исто како што се облекуваме потопло во зима, така и за на точак ќе се облечеме потопло. Облека која топли и те штити од ветер, само тоа ни е потребно.

Напред Скопјани, нека не ве симнува зимата од точакот!

Се гледаме на Критична маса #33 на 28. јануари со почеток од 17:30 часот од Плоштад Македонија, да се грееме движејќи се на точак, и да го славиме заедно возењето точак и во малку поладни услови.
Ѕрн ѕрн!

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.