Утре пензионерите ќе ги добијат најавените повисоки пензии

Околу 300.000 пензионери во Македонија утре ќе добијат повисоки пензии. Утре на пензионерите ќе им се исплатат пензиите со најавеното покачување од 621 денар. Со овогодинешното покачување просечната пензија ќе достигне 13.085 денари.

Ова е покачување за цели 70 отсто во споредба со пензиите во 2006-та година, кога просечната пензија изнесуваше 7.683 денари.

Ново покачување на пензиите следната година во октомври

Како што е најавено во месец октомври следната година ќе има ново покачување на пензиите од 650 денари. Средствата за новото покачување се веќе обезбедени со предлог-буџетот за 2016-та година.

Пратениците во четвртокот во скратена постапка ги поддржаа измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и на Законот за социјална заштита со кои се овозможува покачување  на пензиите и социјалната помош догодина.

Зголемувањето на пензиите и социјалната помош неодамна беа најавени од страна на премиерот Никола Груевски.

Петте проценти покачување на пензиите се однесуваат на масата на средства кои се издвојуваат за пензиите и тие ќе бидат рамноправно поделени на сите пензионери. Покачувањето за секој пензионер поединечно ќе биде околу 650 денари.

Просечната пензија во 2006 година изнесувала 7.683, а сега 13.085 денари, односно е зголемена за 70,31 процент, додека во 2016 година ќе биде 13.735 или зголемена за 79,6 проценти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.