Утре почнува Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“

Утре почнува Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“.

„Општина Аеродром издвои средства од својот Буџет за овој меѓународен фестивал со цел да го збогати културниот живот на граѓаните и да ги развесели и разведри љубителите на театарот и комедијата“, изјави градоначалникот Коневски.

Директорката на Театар Комедија, Јелена Жугиќ, пак изјави дека задоволството ќе биде огромно доколку изборот на претставите го погоди вкусот на публиката, бидејќи со големо внимание е одбран репертоарот за првото фестивалско издание.

Таа нагласи дека фестивалот има натпреварувачки карактер и дека тричлена жири комисија ќе додели награди за најдобра машка и женска улога, за најдобра режија и најдобра претстава.

Инаку, претставите ќе се играат од утре до 30-ти јуни, со почеток од 21:00 часот, на отворена сцена поставена на фудбалското игралиште кај паркот на езерата, а влезот за сите претстави ќе биде бесплатен.

Ова е резултат на успешно спроведениот проект културно лето „Аеродром се смее“ од минатата година што наиде на одличен одѕив кај публиката кога за претставите се бараше столче повеќе.

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, рече дека Министерството ја поддржува оваа манифестација и еден од неговите приоритети е локалниот културен развој, бидејќи „културата треба да биде достапна до секој граѓанин“ и изрази надеж дека Фестивалот ќе прерасне во традиција.