Утре попладне ќе пристигне телото на починатиот Македонец во Шпанија

Телото на штипјанецот кој трагично почина во Шпанија треба да пристигне утре попладне на скопскиот аеродром.

Телото на 33 -годишниот Сашко Коцев кој почина во сообраќајна несреќа ќе биде транспортирано во Скопје, а од таму во Штип каде во четврток е предвидено да се изврши погребот, пренесува „старплус“ на ТВ Стар.

Според информациите од операторот ВИП, до вчера на донаторската телефонска линија се собрани 71.100 денари или околу 1.150 евра. Со веќе уплатените 1.300 евра, тоа значи дека за две седмици собрани се околу 2.500 евра. Општина Штип апелира и понатаму да се донира, со оглед на тоа што мобилната донаторска линија ќе биде отворена уште неполни две седмици до кога треба да се собере сумата од околу 4000 евра.

Сите правни и физички лица да донираат на телефонот 077 143 600, каде цената на донацијата е 100 денари од повик односно 118 со ДДВ. Но, сите оние кои сакаат да донираат поголема сума, можат средствата да ги уплатат на трансакциска сметка на таткото на починатиот, Томислав Коцев во НЛБ тутунска банка, сметка број 210501596059292 со назнака, „донација за Сашко Коцев“, додава „старплус“ на ТВ Стар. Коцев почина во бизарна сообраќајна несреќа, кога товарен камион го прегази при враќање во рикверц.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.