Утре ведро и ветровито, во недела постудено и магла

Викендот не очекува ведро време без магла. Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека во текот на утрешниот ден во утринските часови ќе дува умерен до повремено засилен ветер кој ќе донесе намалување на облачноста и спуштање на дневните температури во текот на денот.

Од недела и понеделник повторно ќе има услови за магла по котлините, како и пониски утрински температури, кое ќе се почувствува во северните делови од земјата.

Дневните максимални температури најмногу ќе се спуштат за неколку степени на југоистокот на земјата и ќе достигнат до 24 степени во сабота, 22 во недела, а потоа повторно благо ќе се покачуваат до средината на неделата.

Намалувањето на утринските температури најмногу ќе се почувствува во недела и во понеделник во беровскиот регион каде што температурите ќе се спуштат до три, а во вторник и до два степена.

Времето утрово во земјава е умерено до значително облачно. Магла има по котлините, односно во Штипско, Демиркаписко, Гевгелиско и во скопската котлина, а умерен западен ветер има во западните делови од земјата и на повисоките места.

Во седум часот измерени се температури од девет степени во Берово, 12 во Струмица, 13 во Крива Паланка, Штип и Демир Капија, 14 во Виница и во Скопје, 15 во Тетово, 16 во Прилеп, 17 во Охрид и во Претор и 19 степени во Битола и во полошкиот регион во Пожаране.

Во текот на денот ќе се задржи променливо облачно со почести сончеви периоди на југот од земјата. Ќе дува слаб, а на запад и на повисоките места до умерен претежно западен ветер. Во северните делови ќе има услови за слаб краткотраен дожд, а по котлините во претпладневните часови ќе се задржи магла.

Температурата ќе се движи од 20 до 25 степени.

Во Скопје времето претпладне ќе биде променливо облачно со утринска магла, а попладне со сончеви периоди и маглата ќе се повлече. Ќе дува слаб до умерен западен ветер. Температурата ќе достигне до 22 степени.

И утрово мерните станици за мерење на квалитетот на воздухот регистрираа високи концентрации на ПМ10 во Скопје и Тетово.