Утре во Градски парк ќе се одбележува Европска недела на имунизација

Министерството за здравство, во соработка со Здравствен дом-Скопје, утре во 12 часот во Градски парк (кај бина Школка) ќе ја одбележи Европската недела на имунизација, која годинава од 22 до 26 април се одбележува по деветти пат во сите европски земји.

Министерството води посебна грижа за здравјето на децата. Вакцинацијата како дел од превентивната заштита е особено важна затоа што медицински е докажано дека е најефикасната заштита од многу тешки заболувања.

За таа цел ќе се одржи културно-забавен настан, на кој дечињата и родителите ќе се информираат за бенефитите од вакцината преку промотивни материјали, забавни точки на деца од основни училишта и хорот Златно славејче. Целта е подигнување на свесноста за важноста на имунизацијата, бидејќи со тоа ќе ги заштитат своите деца од тешки заразни заболувања и последиците од тоа. Докажано е дека вакцинацијата е најисплатлива јавна здравствена превентивна мерка со која се елиминирани или редуцирани на минимум многу заразни болести.

За Република Македонија успешната вакцинацијата кај децата отсекогаш била приоритет и на ова поле бележи успеси со години наназад. Последен случај на дифтерија е забележан во далечната 1976. Исто така, за болеста вариола вера е постигната ерадикација (уништување) во 1978 година, а парализата е елиминирана од 2002 година во цел европски регион, вклучувајќи ја Македонија

Во рамки на одбележување на Европската недела на имунизација се врши и теренска вакцинација со цел да се откријат што повеќе невакцинирани деца.

Македонија со години наназад, како и минатата година, има висок просек на опфат со имунизација, кој изнесува над 95 проценти.