Утре во Македонија жолта фаза

Според најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи за утре, среда (13.08.2014) се очекува два региона од нашата држава да бидат зафатена со температури кои ја дефинираат жолтата фаза, односно алертна фаза. Со жолта фаза ќе биде опфатени охридско-преспанскиот и полошкиот регион, односно градовите: Охрид, Струга, Дебар и Ресен, како и Тетово, Гостивар, Кичево, Маврово и Македонски Брод. Деновите со повисоки температури се очекува да траат до крајот на неделата.

Граѓаните од овие региони, како и останатите граѓани треба да ги почитуваат општите препораки за населението за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, консумација на лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.
За потсетување, во прилог се општите препораки за заштита на населението од високите летни температури:

Општи препораки за заштита од високите температури

1. Во текот на ваквите екстремно топли денови, останете повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
2. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината), а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.
3. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.
4. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
5. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
6. Хроничните болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Поради високите темепратури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, потребно е почитување на следните репораки:
Ø задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба.
Ø Термичка подготовка на храната и нејзино конзумирање во многу кус рок по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употребата истата да се загрее на + 100 степени.
Ø Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови.

Од Управата потсетуваат дека граѓаните имаат можност да добијат здравствен совет, во однос на почитување на препораките за заштита од високи температури и информации од превентивен карактер на мобилните едукативно-здравствени пунктови поставените во сите градови во државата, при што на територијата на град Скопје се поставени три мобилни пунктови, од кои еден се наоѓа на пешачката патека кај реката Вардар и по два мобилни пункта се распоредени во сите скопски општини.