Утре и задутре портокалова фаза на територијата на цела држава!

Според најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, во текот на следните денови (петок и сабота) територијата на целата држава ќе биде зафатена со температури од портокалова фаза.

Се препорачува од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години, а воедно се препорачува на работодавците да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Министерството за здравство препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во овој период.

Потсетуваме дека е потребно граѓаните од целата држава да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, како и термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката (доколку тоа не се направи, подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употреба истата да се загрее на + 100 степени). Се препорачува да се избегнува консумирање производи кои не се термички обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.

Информации за топлотните бранови континуирано се дистрибуираат на интернет страната www.toplotnibranovi.mk.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.