Утре завршува меѓународната ликовна колонија „Хотел Фени“

Седмата Меѓународна ликовна колонија “Хотел Фени“ во Кавадарци утре ќе биде затворена, на свеченост која започнува во 20 часот.

Колонијата своето ликовно финале ќе го доживее со отворање на изложба со делата настанати во десетина дена креативно творење и дружење меѓу балканските уметници.

Годинава на колонијата во Кавадарци учествуваа македонските уметници Кирил Казанџиски од Штип, Ален Спасовски од Делчево, Васка Дудин од Неготино, Валентина Илијевска од Куманово, Тамара Кавракова од Скопје, Доне Милјановски од Скопје, Тодор Попов од Гевгелија, Ставре Димитров од Скопје и кавадаречките уметници Ристо Соколов Сокол, Ванчо Кеков, Трајче Павлов и Никола Ивановски. Од Србија учесници беа Светислав Славковиќ Кајзер (Врање), Драгана Тошиќ (Белград), Маја Веселиновиќ (Ниш) и Наташа Ристовиќ (Грачаница). Од Бугарија учествуваа уметниците Мариана Везарова (Софија), Васил В‘лев (Софија), Галина Николова (Велико Трново), Ѓорѓи Марков (Петрич) и Никола Минчев (Пловдив).

Љубителите на ликовната уметност ќе имаат можност да уживаат во над педесетина ликовни дела, кои ќе бидат изложени во големиот изложбен простор на хотел „Фени“ и кои како и од претходните шест изданија на колонијата, остануваат во трајна сопственост на организаторот и на увид на посетителите.

И оваа година координатор на Меѓународната ликовна колонија „Хотел Фени“ е еден од најпознатите кавадаречки ликовни уметници Ристо Соколов – Сокол.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.