Македонија,Крими хроника

Утрински: Синот се самоубил, таткото од жал се обесил, детали за несреќата во Тетово

Утрински: Синот се самоубил, таткото од жал се обесил, детали за несреќата во Тетово

Пресврт се случи во истрагата за трагедијата која се случи во семејството на познат лекар во Тетово, пишува дневниот весник „Утрински“. Според најновите сознанија на тетовското обвинителство, синот сам се обесил, а таткото од тага по него си го одзел сопствениот живот. Иако првичните информации беа дека станува збор за убиство и самоубиство, според сознанијата на Јавното обвинителство во Тетово, всушност станува збор за двојно самоубиство извршено со бесење.

Како што дознаваме, самоубиствата биле извршени во соба на горниот кат од семејната куќа на угледното тетовско семејство. Синот и таткото си го одзеле животот со пластично јаже. Натамошните истражни дејствија и вештачења на пронајдениот материјал, треба да утврдат како навистина се случил овој трагичен настан. Од Обвинителството велат дека не е пронајдено проштално писмо ниту од таткото, ниту од синот.

Соседите се во шок во семејната трагедија која во саботата се случи во Тетово. Низ градот уште во попладневните часови во саботата како молња проструи веста дека лекарот Адем Е. извршил самоубиство со бесење, откако претходно на ист начин го усмртил својот првороден син В.Е.

Се се случувало во нивната семејна куќа на улицата „Предраг Јанчевски“. Најпрво се слушнал пискотот на сопругата на лекарот која не можела да им поверува на своите очи дека нејзиниот син и сопругот веќе се мртви. Лелеци се слушале низ цело Ајдучко маало. Соседите се вознемирени од настанот, особено оние кои што со години наназад го познавале 56 -годишниот лекар, кој живеел во нивното маало. Го знаат како мирен човек, совесен лекар и грижлив татко, кој со години излегувал и за рака го шетал по уличките и сокаците својот 27- годишен син В.Е.

Олга С. кажува дека го познава уште со неговото доаѓање во маалото, кој својата куќа ја изградил меѓу две улици: „Предраг Јанчевски“ и булеварот „Видое Смилевски – Бато“. „Имаше коректен однос. Го консултиравме за се и сешто кога се работеше за здравствени прашања“, вели сосетката. И Ружди М. е изненаден трагедијата. „Не можам да поверувам на ова што го слушнав. Морало да има некоја голема причина за да го усмрти синот, а потоа да посегне и по сопствениот живот“, со жал во душата зборуваше Ружди, по првичната информација која беше објавена за смртта на таткото и синот.

Трагичниот чин се случи во саботата околу 11 часот. Надлежните органи работат на утврдување на сите можни детали околу семејната трагедија. Истражните органи наведуваат дека не утврдиле никакви траги на насилна смрт, поради што телата на починатите се предадени на семејството, без да се изврши обдукција. Тие беа погребани на муслиманските гробишта во Тетово.

Според д-р Флорим Бесими, директор на тетовската клиничка болница, докторот Адем, вработен во Здравствениот дом, уште за време на транзицијата во здравството, се вклопил со своја амбуланта, станувајќи матичен лекар. Подоцна, се откажал, а бил вработен како лекар во Одделот за детска превентива и вакцинација, каде и сега работел. Последниве години почнало да го нагризува здравјето. Се зборува дека се повеќе го совладувала Паркинсоновата болест.

Совесниот родител сепак не пропуштал најмалку еднаш во денот да го прошета својот син, кој уште од детство бил со нарушено ментално здравје. Упорно се борел совладувајќи ја сопствената болест и со максимални напори ја обавувал родителската должност.

Покрај почнатиот син, сопружниците имаат уште едно дете кое што студира медицина. Неговиот татко, наводно сакал, неговиот син да ја продолжи семејната лоза и да се школува за лекар за да може да се грижи за него и за неговиот брат.