Утврдена штетата за демолирањето на канцеларијата на Иванов

Вештите лица од Бирото за судски вештачења утврдија дека висината на штетата причинета со демолирањето на Народната канцеларија на претседателот  Ѓорѓе Иванов, на Рекорд во Центарот на Скопје е 522.080 денари, што е за околу 300.000 денари помалку од проценката на Обвинителството.

Како што пишува Телеграф, во Кривичниот суд четврти пат беше одложен почетокот на судењето против Филип Наковски (30) и Никола Аризанов (30), кои се наоѓаат во куќен притвор за дивеењето на 13 април.

Државното правобранителство, кое ги застапува интересите на државата, најпрво побара отштетно побарување од 880.000 денари, колку што Основното јавно обвинителство-Скопје процени дека е висината на штетата направена со демолирањето на Канцеларијата на Иванов. Но, судијката и одбраната уште на првото рочиште не ја прифатија оваа сума затоа што не беше поткрепена со вешт наод и мислење.

Денеска, претставник од Државното правобранителство соопшти дека штетата наведена во наодот од Бирото за судски вештачења изнесува 522.080 денари, и тоа 232.520 чинеле градежните работи за враќање на објектот во првобитната состојба, а 289.550 денари чинеле предметите што биле оштетени или одземени од Канцеларијата.