Увидот во Избирачкиот список трае до полноќ

Сите граѓани кои што сакаат да извршат увид во Избирачкиот список, за претстојните избори, тоа ќе може да го направат до ноќеска на полноќ.

Увид во избирачкиот список имаат и гласачите од дијаспората, па досега Државната изборна комисија обработила 3.624 барања пристигнати преку ДКП-та и Министерството за надворешни работи, но како што велат оттаму за МИА, има уште многу што допрва треба да бидат разгледани, а исто така барања можат да пристигнуваат до полноќ.  Најмногу од барањата пристигнати до петти март беа од македонски државјани кои престојуваат или живеат во европските држави.

До вчера само преку веб-страната на ДИК увид во Избирачкиот список имаа направено преку 80.000 граѓани.

Државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство можат по електронска пошта преку ДКП до ДИК или до ДИК да поднесат Барање за запишување, дополнување или бришење на податоците во посебните изводи од Избирачкиот список и/или да достават Барање за гласање за претстојните претседателски избори исто така до петок на полноќ. Примените барања и пријави преку ДКП-та, Министерството за надворешни работи треба да ги достави до ДИК веднаш или најдоцна до 10 март.

Избирачкиот список на политичките партии треба да им биде доставен до 12 март. ДИК го заклучува Избирачкиот список најдоцна до 22 март.

Петтите претседателски избори во Македонија се закажани за 13 април. Кампањата за претседателските избори почнува на 24 март, 20 дена пред изборите. На вториот круг од изборите на 27 април во земјата ќе се одржат и предвремени парламентарни избори.