Увидот во Избирачкиот список до 23-ти август, досега над 1,8 милиони гласачи

Во Избирачкиот список во моментов има запишано точно 1.805.707 гласачи, но оваа бројка се очекува да се зголеми откако ќе заврши увидот во него, соопштија во четвртокот од Државната изборна комисија (ДИК) на првата прес-конференција во врска со референдумот закажан за 30-ти септември.

Увидот во Избирачкиот список започна денеска и може да се направи во подрачните одделенија на ДИК или електронски. Ќе трае до 23-ти август, а ДИК ќе го заклучи списокот на 7-ми септември. Граѓаните кои ќе одат во одделенија потребно е со себе да носат и важечка лична карта или пасош.

„Увидот ќе може да се врши од 9 до 19 часот, а последниот ден на 23-ти август увид ќе може да се прави до 24 часот. Електронската апликација за проверка е достапна нон-стоп. Измени на податоците, запишување или бришење во списокот граѓаните може да го прават со соодветно барање“, рече портпаролката Љупка Гугучевска.

На прашањето како ДИК ќе се справи со тоа што на иста адреса се водат повеќе гласачи, таа вели дека промени во списокот можат да направат само врз основа на валидни документи.

„Тие луѓе се наоѓаат на тие адреси на избичкиот список затоа што МВР им издало лично карти на таа адреса. Ако при јавниот увид тие лица утврдат дека имаат нова лична карта со друга адреса треба да извршат промени“, одговори Гугучевска.

За оние кои се починати, со документ семејството може да побара бришење од списокот. Од ДИК потенцираат дека Избирачкиот список тие го прават врз основа на податоците од институциите односно од МВР, Управата за матични работи и основните судови во Македонија.

Промена во Избирачкиот список граѓаните може да напраат само со барања што ќе бидат поткрепени со соодветна документација. На забелешките дека во Избирачкиот список
се уште се наоѓаат имиња на повеќе луѓе на иста адреса, рече дека ДИК Избирачкиот список го гради со податоци од МВР, Управата за матични работи и основните судови во Македонија.

Условите за запишување во Избирачкиот список се лицата да бидат државјани на РМ, и да бидат полнолетни. Само со поднесување на одредена документација ДИК може да направи промена во Избирачкиот список и дека граѓаните при менувањето на живеалиштето треба да направат промена на адресите во личните карти.

Истовремено со јавниот увид денеска започна и пријавувањето за изјаснување на иселениците во дипломатско конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Македонија во странство, што, исто така, ќе трае до 23-ти август. Државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство за гласање во странство може да се пријават директно во ДКП-ата и конзуларните канцеларии или електронски преку веб апликацијата dijaspora.sec.mk објавена на интернет страницата на ДИК.

ДИК ќе отвори избирачки места во сите ДКП каде за гласање ќе се пријават над 10 отсто избирачи, додека во оние каде што ќе има над илјада пријави ќе бидат отворени и
дополнителни избирачки места. Во оние македонски амбасади и конзуларни канцеларии, каде што нема доволно кадар кој ќе го организира изјаснувањето на иселениците, како што појасни Гугчевска, ќе бидат испратени избирачки одбори од Македонија.

Гласањето во странство ќе се одржи на 29-ти септември еден ден пред денот определен за референдумот, од 7 до 19 часот, според временската зона во дипломатско конзуларното претставништво. Иселениците барањата за запишување, дополнување или бришење на податоците од посебните изводи од Избирачкиот список за време на јавниот увид го поднесуваат по електронски пат до ДИК најдоцна до 23-ти август на полноќ.