Ужасен старт на Македонската Прва фудбалска лига

Ако според утрото се гледа каков ќе биде денот – на македонскиот фудбал црно му се пишува.

Прво коло – прв инцидент. Инцидент во кој, според информациите од МВР, се работи за Горан Николовски (37) а кој при експлозија на шок-бомба загуби два прста од левата рака, а уште неколкумина други навивачи на Вардар беа потешко или полесно повредени. Ова е еден од најтешките моменти воопшто за кои љубителите на фудбалот во Македонија можат да посведочат.

Иако детални информации сеуште нема, сепак полека почнуваат да кружат гласини околу тоа што всушност се случувало на стадионот под “Тумбе кафе”. Се појавија најразлични верзии, од тоа дека навивач ја украл шок-бомбата од полицијата и ја активирал на самата трибина, па дека еден од полицајците ја фрлил за да ја расчисти гужвата која се создаде на трибината каде беа “Комитите”, па се до онаа верзија во која всушност повредениот е херој – бомбата била фрлена од полицијата но тој со рака ја спречил да падне помеѓу навивачите, па затоа експлодирала и му откинала дел од раката, а повредила уште неколкумина кои биле во близина во тој момент.

Како и да е, ќе се воздржиме од понатамошни шпекулации и ќе го почекаме официјалното соопштение на Министерството за Внатрешни работи, со кое веруваме ќе се расветли целата ситуација и ќе се дознае што доведе до овој тежок и крвав инцидент.

Сепак, без разлика што доведе до овој најмалку посакуван епилог на денот кога требаше да биде празник за фудбалот во Македонија, останува еден факт – организацијата на фудбалските натпревари во нашата земја е на најниско ниво. Се чини дека, полесно ќе се реши проблемот со Грција отколку да се организира едно првенствено коло во мак-фудбалот а истото да помине без минимум еден проблем. Според многумина фудбалот во државава ни е на исто рамниште со оној во централно и источно афричките републики (без навреда кон нив поради споредбата). Со години наназад сме сведоци на тешки инциденти, влетувања на теренот од страна на навивачи, неслужбени лица во подтрибинските простории, закани, тепачки, откажани или презакажани натпревари, тензии, анти-државни пароли… А сега ова дојде како капак на целата таа траги-комедија што ние љубителите на фудбалот ја нарекуваме “Прва фудбалска лига на Република Македонија”.

А кој е тој орган што треба да ја спроведува организацијата на натпреварите? Клубовите и Министерството за Внатрешни работи. Ако се земе вчерашниот натпревар за пример, клубот Пелистер имаше одлична организација, односно кога станува збор за техничкиот дел од натпреварот, се беше во ред во текот на целиот меч. И навивачите на Пелистер беа коректни, тоа особено се виде по инцидентот каде тие беа едни од првите кои притрчаа на помош. Значи, се поставува прашањето, од оние одговорните за беспрекорна организација на еден првенстевен фудбалски натпревар, кој е единствениот што не си ја завршил работата како што треба? Очигледно, Министерството за Внатрешни работи.

Нема да навлегувам премногу каде погрешиле, но она што остава грутка во грло е како 15-тина навивачи, опкружени со еден куп специјалци, беа толку голема закана за било кој под “Тумбе Кафе”, што мораше да биде активирана и шок-бомба?! Дури и некој од навивачите да ја активирал, како успеал да дојде до неа?! Зарем можно е утре и пиштол да биде украден па да се случи уште поголема драма од оваа?!

Ќе треба МРВ да поработи на овие прашања во периодот што следува, а во меѓувреме, во интерес на сите е што побргу да се “закопаат секирите” помеѓу чуварите на редот и навивачите, бидејќи оваа недоверба помеѓу нив не е добро за никого. Денес се неколку повредени навивачи, утре ќе бидат многу повеќе.

Ќе повторам уште еднаш, ако денот по утрото се познава – црно ни се пишува.