В недела ќе се решава за оставката на Груевски

Оставката на Никола Груевски на маса ќе биде ставена в недела. ВМРО ДПМНЕ го закажа состанокот на Централниот комитет за 10-ти декември, објави Канал 5.

Според партискиот Статут потребни се најмалку 100 гласа од членовите на Централниот за да биде прифатена оставката. По ова, највисокото партиско тело треба да го потврди и предлогот на Извршниот за одржување на вонреден Конгрес на 23-ти декември во Валандово. Се очекува по Централниот да стане појасно и кој се’ ќе влезе во трката за наследник на Груевски.

Иако никој од потенцијалните кандидати чии имиња се споменуваат во јавноста не потврдува кандидатура. Сепак, според информации на Канал 5, дел од нив веќе се на терен и бараат поддршка меѓу 560-те делегати кои имаат право на глас на Конгресот.

Во пресрет на Конгресот се обединија и фракции во ВМРО ДПМНЕ. ФРОДЕМ и „реформаторите“ најавија заедничко тело кое ќе има за цел да ги истурка нивните барања, како што велат за демократизација на партијата и да не дозволат Конгресот да биде приватна забава.

На 17-ти декември ќе одржат заеднички состанок на кој ќе одлучат како ќе настапат на Конгресот – дали ќе имаат свој кандидат или некому ќе дадат поддршка. Не откриваат колкава поддршка имаат меѓу делегатите кои треба да одлучат за новото партиско лидерство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.