В понеделник почнува 54. „Мавровски меморијал“

Од 13 до 15 февруари на патеките во Маврово ќе се оддржи 54-тиот нордијски куп „Мавровски меморијал“, кој се организира во чест на загинатите 38 градители на електросистемот Мавровска хидроцентрала и 14 граничари кои загинаа од снежната лавина во 1956 година.
 
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески рече дека со оддржувањето на Мавровскиот меморијал АМС ја продолжуваме традицијата на големи светски настани оддржани во Република Македонија.
– Влогот на многумина низ изминативе 54 години во организирањето на овој настан придонесе Мавровскиот меморијал да прерасне во настан кој го промовира Маврово и Република Македонија, оставајќи траен белег во спортот. Благодарение на посветеноста и заложбата на организаторите, а секако со поддршка од Агенцијата за млади и спорт и на останатите вклучени страни во организацискиот дел, Мавровскиот меморијал се издигна на ниво на домашен бренд од светски размери, кој низ годините успеа да го приближи нордиското скијање до најмладата популација, истакна Спасески.
Директорот Спасески информира дека за оваа година, Агенцијата за млади и спорт од својот буџет ќе издвои 500 илјади денари.
На Мавровоски меморијал се очекува учество на повеќе европски држави меѓу кои Србија, Грција, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Турција, и двајца претставници од Доминиканската Република кои изразија желба за учество на Мавровскиот куп. Се очекува потврда и од Словенија и Романија, со што квалитетот би се искачил на највисоко ниво.
Стартот е закажан за понеделник, а во вторник и среда се трките во женска на пет и машка на 10 километри. Новина за оваа година е трката за деца, генерација 2002/2003 и 2004/2005, кои се планирани за 16-ти и 17-ти февруари
За македонската репрезентација ќе настапат Ставре Јада, Миланчо Крстевски, Дарко Дамјановски, Тони Станоески, Марио Куртески и Ненад Митевски во машка, и Викторија Тодоровска, Марија Коларовска, Викторија Јовановска, Росана Кировска, Ана Цветановска и Василка Дамјановска во женска конкуренција.