Вајгл доаѓа во Скопје

Планирано е Вајгл да има одвоени средби со лидерите на политичките партии но и со специјалната обвинителка Катица Јанева.

Исто така, постои можност Вајгл да присуствува и на состаноците на работната група. Според информациите, тој ќе побара да се почитуваат роковите утврдени со Договорот во Пржино и е уверен дека тој целосно ќе се спроведе. Вајгл е задоволен од она што досега е спроведено од договорот.

Известувачот во Европскиот парламент за Македонија Вајгл заедно со неговите колеги Ричард Ховит, Едвард Кукан и еврокомесарот Јоханес Хан беше дел од преговарачката група која го постигна Договорот во Пржино.

Иво Вајгл е меѓу поголемите оптимисти во однос на решавањето на политичката криза во земјава. Откако со негово и посредство на неговите колеги-европратеници Ричард Ховит и Едвард Кукан, како и на еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, четирите најголеми политички партии во Македонија, на 15 јули постигнаа договор за ставање крај на политичката криза во земјата, Вајгл изјави дека Македонија има фер шанса да почне преговори за членство во Европската унија.