Вајгл, Кукан и Ховит ќе ја враќаат опозицијата во Собранието

Известувачот за Република Македонија од Европскиот парламент, Иво Вајгл, заедно со своите колеги Едвард Кукан и Ричард Ховит ќе ја сочинуваат тројката европратеници од Европскиот парламент што ќе имаат задача да ја убедат опозициската СДСМ да се врати во македонското Собрание.

Како што јавува МИА, оваа европска тројка ќе се обиде да го повтори успехот на Кукан и неговиот колега Кнут Фленкенштајн, кои на почетокот на годинава успеаја да ја решат политичката криза во Албанија со враќање на опозицијата во парламентот.

Составот на европратениците е внимателно избран, бидејќи освен Вајгл, кој е известувач за Македонија, но и член на Алијансата на либерал-демократите, Ховит би ги претставувал европските социјалдемократи, додека Кукан е од Европската народна партија, чија членка е ВМРО-ДПМНЕ. Тие тројца ќе чекаат сигнал од еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, кој веќе најави дека од Европарламентот очекува на идентичен начин како во Албанија, да ја реши и македонската криза. Хан, пак, според неговите зборови, најпрво чека посредништво да побараат политичките актери на македонската сцена.

Сепак, само што формирана, а веќе двајца од тројката европратеници-посредници се навредени. Имено, Вајгл и Кукан се изненадени што поранешниот известувач за Македонија во ЕП, Ричард Ховит, на своја рака веќе заминал во македонската држава со цел да им помогне на своите социјалдемократи и да влијае да се прифатат нивните услови за враќање на мирот на политичката сцена во Македонија. Британецот, кој за последната Резолуција за Македонија бараше експлицитно да се ФИРОМ-изира нашата земја, со ова го навлече гневот на своите колеги, но и на претседателот на Европарламентот, Мартин Шулц, кој сака да се најде позитивно решение за политичката состојба во Македонија.