Вајгл: Нема причина Македонија да не ги отпочне преговорите со ЕУ

Македонија треба да ги отпочне преговорите со Европската Унија, а потоа да се решава проблемот за името со Грција, смета новиот известувач за Македонија во Европскиот Парламент Иво Вајгл.

Тој на денешната прес конференција посочи дека нема причина Македонија да не ги отпочне преговорите, кога 6 години по ред добива препорака за отпочнување на преговорите.

– Сметам дека не постои никаква причина зошто Македонија да не ги отпочне преговорите со Европската Унија. Апсолутно е неприфатливо тоа што Комисијата шест последователни години дава препорака за отпочнување на преговорите и ништо да не се случи, рече Вајгл нагласувајќи дека истата позиција ја застапувал и Ричард Ховит.

Тој вели дека смета дека Македонија треба да ги отпочне преговорите со ЕУ, а потоа постапно да се решава проблемот со името.

– Тоа треба да се направи во духот на тоа Македонија да биде во подобра позиција од онаа во која е сега. Ако имате двајца партнери во кои едниот е во привилегирана позиција, а другиот е потчинет, секогаш оној што е во привилегирана позиција ги одредува правилата, рече Вајгл.

Инаку, Вајгл меѓу другото нагласи дека во сите негови натамошни обраќања никогаш нема да ја користи времената референца ФИРОМ, туку ќе го користи уставното име Република Македонија, под кое неговата земја Словенија, како што рече, ја има признаено земјата.

Во однос на прашањето за името Вајгл рече дека има намера да ја посети Грција и да поразговара и со тамошните власти, со цел решавање на овој проблем, кој според него, во иднина би можел да генерира нови проблеми.

-Треба да се создаде некоја нова динамика во дискурсот околу името.Мислам дека и разумната политика на Грција би требало да диктира отвореност кон решавање на проблемите, а не вкопување во одбранбени ровови. Сметам дека ние ЕУ треба да помогнеме да се создаде динамика, а таа динамика би се отворила според мене само со отворање на преговорите и отворање можеби на некои од овие поглавја што се помалку интересни во однос на соседите и останатите спрони релации, рече тој.

Иво Вајгл ќе ја преземе функцијата известувач во ЕП за Република Македонија од Ричард Ховит. Ховит порача дека тој ќе продолжи со активна поддршка за Македонија во ЕП и како известувач во сенка ќе продолжи да работи на тоа Македонија да стане членка на ЕУ.