вторник, 29 ноември 2016  |  Вести денес: 67

Вајгл: Верувам дека изборите ќе бидат демократски и транспарентни

Долготрајните подготовки создадоа услови за нормални демократски избори и јас посакувам така да биде, бидејќи од тоа зависи понатамошниот пат на Македонија кон европските и евроатланстките интеграции, вели Вајгл.

ivo-vajgl-640x427

Последни вести

Известувачот за напредокот на Република Македонија во Европскиот парламент европратеникот Иво Вајгл, непосредно пред утрешната посета на Македонија во разговор со дописникот на МИА од Стразбур, изрази оптимизам дека изборите закажани за 11 декември ќе бидат демократски и транспарентни, што е услов за земјата за продолжување по патот кон европската и евроатланстката интеграција.

– Немам причини да не верувам, дека изборите ќе бидат според правилата, дека ќе бидат демократски, транспарентни. Ќе има, се разбира, различни интереси. Не може преку ноќ да се премине преку разликите кои постојат во македонското општетство меѓу политичките партии. Меѓутоа, јас верувам дека долготрајните подготовки создадоа услови за нормални демократски избори и јас посакувам така да биде, бидејќи од тоа зависи понатамошниот пат на Македонија кон европските и евроатланстките интеграции, вели Вајгл.

Тој најави дека утре во Скопје ќе разговара со претставници на сите политички партии, ќе се сретне и со претставници на граѓанското општетсво, а ќе има разговори и со специјалната обвинителка Катица Јанева.

Укажа и на пораката која ќе им ја пренесе на своите соговорници во Македонија, со кои ќе се сретне за време на престојот во земја.

– Сакам само повторно да порачам, долго работевме на Пржинскиот договор и на неговото постепено реализирање. Мислам дека тоа е основата врз која треба да се гради иднината во наредните неколку месеци. Тоа треба да го имаат предвид и гласачите на кого тие ќе му дадат мандат. Јас верувам дека Македонија по овие избори ќе биде поинаква од тоа што е денес, рече Вајгл.

Иво Вајгл, смета дека со оваа посета на Македонија, како и најавата за набљудување на изборите од страна на европратениците, Европскиот парламент и покрај внатрешната криза која ја доживува ЕУ, покажува дека и понатаму има интерес за земјата.

– Како известувач за Македонија во Европскиот парламент, можам да кажам дека навистина постои многу позитивен однос кон Македонија во Европскиот парламент. Додуша, последниве две години и проблемите околу изнаоѓањето на заеднички јазик меѓу играчите во македонската политика, доведоа во прв план и некои контраверзни теми. Контраверзни, кога станува збор за интерсот на Македонија. Тука посебно, за жал, играа активна улога  грчките и некои бугарски колеги. Но, факт е дека позитивното расположение е каратктеристика, таков ќе биде и нашиот извештај, кој ќе го изработиме во наредните недели и месеци. Тој ќе содржи и порака и препорака да и се отвори патот на Македонија  во европските интеграции, под услов изборите и времето по изборите да бидат во европскиот дух, што значи признавање на демократските инструменти и докажана спсособност да се живее според нормите на нормална парламентарна демократија, рече Вајгл.

Известувачот на ЕП за Република Македонија, Вајгл утре ќе претстојува во еднодневна посета на земјата заедно со европратениците Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан.

Најчитани вести