Македонија

Во Охрид почна процесот инициран од европратеничката тројка Вајгл: „Жан Моне“ ќе помогне, но, решенијата ќе ги носи Собранието

Вајгл: „Жан Моне“ ќе помогне, но, решенијата ќе ги носи Собранието

Парламентарните партии ќе ја усогласуваат работата на законодавниот дом со помош на експерти во рамките на процесот „Жан Моне“, кој се одржува во Охрид на иницијатива на европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан. Дводневната средба  е замислен како подобрување на дијалогот власт- опозиција во отворена атмосфера без присуство на јавноста и за сите проблеми за кои можеби не е постигнат консензус.

Првиот термин беше јануари оваа година, па март, но конечно во мај беше добиена согласност од сите партии. Состанокот почнува вечерва, во присуство на ЕУ амбасадорот Самуел Жбогар и со видео обраќање на еврокомесарот Јоханес Хан.

 

Сметам дека во работна атмосфера со помош на експерти ангажирани за оваа конференција, може да се дојде со согласност по некои прашања за кои нема да решаваме ние, нема да се решава ниту тука ниту во центарот „Жан Моне“ во Париз, туку во Собранието на РМ. Се разбира ќе стане збор за иднината на Македонија, токму затоа сме тука, се ангажиравме во Пржинскиот договор, и оттаму со големо задоволство можеме да кажеме дека земјата има направено значаен чекор напред со добивањето гаранција за безусловно отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Се разбира за тоа ќе решава Европскиот совет и можам само да кажам дека сум оптимист во тоа, изјави Вајгл.

Официјалниот дел од состанокот стартува утре наутро со разговори меѓу координаторите на пратеничките групи и дел од народните избраници. „Жан Моне“ предвидено е да заврши во вечерните часови со лидерска средба. На иста маса е планирано да седнат премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и четворицата лидери на партиите од албанскиот политички блок..

Инаку процесот „Жан Моне“ треба да помогне во донесувањето на новиот деловник за работа на Парламентот, усвојување на Етичкиот кодекс и буџетската независнот на Собранието.