Вајлдер прифатил да боксува против Џошуа

Американскиот боксер Дионтеј Вајлдер, шампион во тешка категорија во ВБЦ федерацијата се согласи со условите за мечот против Британецот Ентони Џошуа, кој ќе се одржи до крајот на оваа година, а ќе има карактер на една од најважните борби во последните две децении.

ВБЦ шампионот Вајлдер и шампионот на ВБА, ВБО, ИБО и ИБФ, Џошуа ќе се борат за обединување на сите титули, што ќе биде прва таква битка од 2000 година, кога Ленокс Луис ги обедини сите титули откако го победи Ивандер Холифилд.

Еден од менаџерите на Американецот, Шели Финкел, потврди дека големиот меч ќе се одигра во Велика Британија, како и дека ги прифатиле условите поставени од промоторот на Џошуа, Еди Херн.

Вајлдер на социјалните мрежи пишува дека ги прифатил условите за борбата во Велика Британија, но и дека  се уште е валидна понуда за Џошуа за дуел во САД, кој би му донел 50 милиони долари.

Прифатив да се борам во Британија. Ако Џошуа сака да се бори во Британија, топката сега е во нивниот двор, рече тој.

Џошуа (28) во својата боксерска кариера има 20 победи со нокаут и една со одлука на судииите и без пораз. Вајлдер е исто така непоразен, а противниците ги нокаутирал 39 пати. Во еден меч славел со победа на бодови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.