„ Вајтснејк “ пристигнаа во Скопје

Легендарните „ Вајтснејк “ (Whitesnake) со приватен авион од Софија претпладнево пристигнаа на скопскиот аеродром „Александар Велики“.

По фантастично посетените концерти викендов во Загреб и во Белград, организирани од Авалон продукција и синоќешниот распродаден концерт во Софија, великаните на светската рок-сцена вечер во арената „Борис Трајковски“ ќе одржат уште едно спектакуларно рок шоу, соопшти организаторот – Авалон-продукција.

Концертот на „ Вајтснејк “ е во рамки на нивната Парпл-турнеја, на која го промовираат истоимениот албум (The Purple Album).

– За фановите од цела Македонија, Албанија, Косово и Грција, фронтменот на „Вајтснејк“, Дејвид Ковердејл, ветува енергична и незаборавна забава со култните хитови што ги отпеа своевремено со „Дип Парпл“ (Deep Purple), но и со своите најголемите хитови кои ја одбележаа светската рок-сцена во последниве четири децении, информира Авалон-продукција.

Вратите во арената „Борис Трајковски“ се отвораат од 19 часот. Концертот ќе го отвори бендот „Дед Дејзис“ (The Dead Daises) кој ги придружува „ Вајтснејк “ на нивната европска турнеја, а легендарните рокери ќе го почнат својот настап точно во 21.30 часот. Авалон соопшти дека се уште има билети во продажба на www.kupikartizase.com и во „Југотон“.