Валчиќ итно опериран, но се наоѓа во стабилна состојба

ППД Загреб стигна до титулата во ракометниот куп откако во финалето го совлада тимот на Нексе, но сепак стручниот штаб и соиграчите на актуелниот хрватски шампион имале вистинска драма при враќањето од Умаг.

Имено, заменик капитенот Јосип Валчиќ заработил повреда за време на куп финалето кое се одигра изминатиов викенд, но сепак неговата ситуација драстично се влошила пред клупскиот автобус да пристигне во Загреб. Хрватските медиуми пренесуваат дека неговата нога не изгледала воопшто добро, по што итно бил пренесен во болница каде му било извршена и хируршка интервенција.

За среќа, загрепскиот клуб денеска информираше дека 31-годишниот хрватски репрезентативец се наоѓа во стабилна здравствена состојба.

“Иако во неделата вечерта и наредното утро здравствената состојба на Јосип беше многу сериозна, сега со големо задоволство можеме да кажеме дека се оди во најдобар ред. Лекарите се оптимисти и веруваат дека Валчиќ набрзо ќе може да биде преместен од интензивна во болничка соба. Неговото здравје е најважно во овој момент”, – изјавил клупскиот доктор на ППД Загреб.