Валкана кампања на штета на Македонија

Еден мој пријател тврди дека по денешната валкана предизборна кампања, во која политичарите толку многу се навредуваат со убиствени зборови, што по 11 декември можно е да почнат и со физички убиства. Како во периодот меѓу двете светски војни.

Јас не мислам дека македонските политичари ќе се ликвидираат меѓусебно. Нивната „храброст“ оди само како желби за ТВ-дуели и до митингашко перчење. Во споредба со нив, нашите претходници во минатиот век биле храбри, но без ум. Затоа и се убивале во интерес на своите соседи. Со еден збор, еволуцијата кај политичарите оди од храброст и беспаметност кон страшливост и беспаметност. Колку повеќе им недостасува храброст, толку повеќе се вулгарни и арогантни на зборови. Колку се помали како интелект, толку повеќе сакаат да се наметнат врз македонската јавност како херои. Колку поголеми аутсајдери се, толку повеќе имат амбиции да го надградат својот мизерен живот со власт и богатство.

ЗАТОА, АКО ИМАВ МОЖНОСТ ЌЕ ГИ ЗАБРАНЕВ СИТЕ ПРЕДИЗБОРНИ КАМПАЊИ.

За нив се трошат огромни државни, т.е. народни пари. Кој има фајде од тоа?

Прво, се трошат многу пари за празни ветувања. Земете ги само рекламите во сите можни медиуми. А, пропагандните материјали, брошури, летоци, билборди? Во Македонија за 25 години се случија дваесетина предизборни кампањи. За нив беа потрошени многу повеќе пари отколку што чини целиот проект „Скопје 2014“. Само што тој проект е реализиран, и видлив е од сите, но опозицијата и СЈО врз него плукаат, додека пак, парите за кампањите се истрошени, изедени. Но, никому не паѓа на памет да се буни против тоа.

Второ, предизборните кампањи кај нас немаат некаква значајна улога за изборните резултати. Победата на СДСМ во 2002 година дојде како резултат од поразот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во војната против Македонија од претходната година. Победата на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година беше резултат од капитуланскиот Закон за територијална поделба донесен од СДСМ во 2004 година. Оттогаш до денес, победите на ВМРО-ДПМНЕ се заради активната економска и социјална политика на таа партија. Значи и со и без кампањи резултатите ќе беа слични.

Трето, предизборните кампањи во Македонија секогаш носеле штета за македонскиот народ и за македонската држава. Затоа што, во тие кампањи се искажуваат многубројни навреди упатени кон државните институции но, се остваруваат партиските поделби. За изминатите 25 години и уривањето на институциите, како и поделбата кај македонскиот народ станува се’ поголема. Со толку многу кампањи и избори се трансформиравме во протекторат, а веќе и во колонија на САД и ЕУ.

Четврто, АКО ПРЕДИЗБОРНИТЕ КАМПАЊИ СЕ ШТЕТНИ ЗА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД И ЗА МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВА, КОЈ ИМА ИНТЕРЕС ОД НИВ?

а) Партии-фантоми, лидерите на кои сакаат да ловат риба во матно и да ги користат кампањите со цел наоѓање на партија-ракетоносител за Собранието. Или пак, преку коалиција со слични аутсајдери и безобразна пропаганда да ги зомбираат македонските гласачи. Политички умрениот Љубчо Георгиевски пред секои избори тврди: „ќе бидеме тие кои ќе одлучуваме и ќе ја правиме новата влада на Македонија“, а по поразот си оди по својот бизнис во Бугарија. На изборите во 2011 година Георгиевски имаше 28.000 гласа и ниту еден пратеник, во 2014 година – 17.000 со истата „среќа“. Денес пак, со Љубе Бошковски и генералот Стојанче ветува „помеѓу 60.000 и 70.000 гласа“. Запнала со устата и другата фантомска коалиција со Павле Трајанов, хармоникашот од ФРОДЕМ, плус МОРО-РП и Демос. Спомнатите две коалиции меѓусебно се борат за улогата на „трет блок“ во Македонија.

б) СДСМ, кој е во негласна координација со коалициите-фантоми и со пајтонските партии и нивните лидери. Зошто тогаш СДСМ не направи општа коалиција со нив? Одговорот е едноставен. Во опозицискиот блок има толку фантоми, што ако е поголем собирот од амбициоцни аутсајдери ќе настане вриеж. Истовремено, Заевци мислат, доколку е поголем бројот на „кучиња“ што лајат против ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе му донело на СДСМ пропагандни поени.

в) Странскиот чадор во лице на САД и ЕУ. Тие ја наметнаа медиумската криза и трета година како ја одржуваат на тој начин. Така што, ним им конвенира во Македонија секоја година да има избори и изборни кампањи, за да си ја продолжат целта кон уништување на македонската држава.

Кратко кажано, од предизборните кампањи од една страна профитира групацијата на истрошени политичари, а од друга – партии кои се трансформирани во странски марионети како СДСМ и ДУИ, од трета – директно странските фактори, кои ја разнебитуваат Македонија. Независно од валканата политичка кампања, прогнозните на две недели пред изборите, покажуваат слични резултати на тие избори од 2011 и во 2014 година.

ТОА ЗНАЧИ ДЕКА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД Е ПАМЕТЕН И ГЛЕДА КОЈ ШТО ПРАВИ, А НЕ КОЈ ШТО ВЕТУВА. НО АКО Е ТАКА, ЗОШТО СЕ ТИЕ КАМПАЊИ? ОЧИГЛЕДНО ЗА ДА БИДЕ ИЗЛАЖАН НАРОДОТ ДА ГЛАСА НЕ ЗА ДЕЛА, ТУКУ ЗА ФАНТАЗИИ.

Дали можеме без предизборни кампањи?

Секако дека можеме. Доволно е да се даде еднократно медиумско време (од 1 час) на лидерите на политичките партии за да ги промовираат КОНКРЕТНИТЕ ПРОГРАМИ клучни за македонскиот народ и државата: територијална неделивост и унитарност, официјален јазик, односи со странските фактори, економија, култура и образование, социјални дејности. Лидерите мора да се обврзат јавно со своите ветувања, а потоа изборите да се спроведуваат преку електронско гласање.

Една народна мудрост вели:

Многу поглавици, малку индијанци. Кандидатите за лидери во Македонија се разможуваат како зајаци. Меѓутоа, како досега ни еден партиски лидер не излезе со конкретна програма за:

1) прекин на желбите за ЕУ и НАТО;

2) прекин на преговорите со Грција за македонското име;

3) апсење и затворање на сите криминалци од времето на приватизацијата до денес;

4) апсене и затворање на државните предавници;

5) протерување на Соросовите инсталации и на останатите диверзиони центри во Македонија и на странските амбасадори, кои се мешат во македонската политика;

6) воспоставување на ред во односите кон малцинствата во Македонија и ревизија на сите договори и закони кои се на штета на унитарниот карактер на државата.

Починатиот пред неколку дни светски титан Фидел Кастро во едно интервју вели:

„Започнав револуцијата со 82 соработници. Ако мора да почнам повторно, ќе ми бидат потребни 15 или дури десет. Десет луѓе и апсолутна вера“.

Прашањето е дали денес во Македонија го имаме и едното и другото за да се ослободиме од странските окупатори и од домашните предавници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.