Валс: Екстремистите би можеле да употребат хемиско или биолошко оружје

Францускиот премиер Мануел Валс во својот говор пред францускиот парламент предупреди дека во иднина екстремистите би можеле да употребат хемиско или биолошко оружје.

Валс го презентира планот за да се прошири вонредната состојба во земјата за три месеци, пренесува британски „Гардијан“.

Тероризмот ја погоди Франција, не поради она што се случува во Ирак и Сирија… Туку поради тоа што е. Знаеме дека исто така може да постои ризик од употреба на хемиско или биолошко оружје, рече Валс.

Валс исто така говореше и за формирањето на новата организација која ќе има за цел да се справи со радикализацијата во Франција.

Ние сме во војна. Но, не во онаква на каква сме навикнале. Не, ова е нов тип на војна, и однадвор и одвнатре, поради што теророт е првата цел и првото оружје. Ова е војна чијшто фронт константно се менува и кој го наоѓа патот во нашето секојдневие. Новиот тип на војна е организиран, предводен од армија криминалци. Во што е новината: начинот на убивање постојано се менува. Морбидната имагинација на командантите нема граници: оружје, обезглавувања, луѓе бомбаши и ножеви. Ќе создадеме нова организација која ќе се спротивставува на обидите за радикализација на младите луѓе. Ова е апсолутно неопходно.

Валс додаде дека работата на новата организација многу повеќе ќе биде сконцентрирана врз младите лица во Франција, отколку врз оние што се враќаат од Сирија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.