Ван Гал е сличен на Фергусон

Легендарниот фудбалер на Манчестер Јунајтед Рајан Гигс рече дека сегашниот менаџер на „Црвените ѓаволи“ Луи ван Гал има многу сличности со Алекс Фергусон.

Ван Гал го презеде Јунајтед преку летото кога ја заслужи улогата на менаџер на „Олд трафорд“ по 26 години владение на колегата од Шкотска.

40-годишниот Гигс во моментот е помошник на ван Гал и изјавува дека силата и подготовката на холандскиот стручњак го потсетуваат на легендарниот Фергусон.

„Тој тоа го посакува на секој тренинг. Ја сака истата сила како и на натпревар. Тука се гледа неговата сличност со Фергусон. Поставува стандарди и ако се спуштите под нив не е среќен“, рече Гигс за медиумите.

„Тој бара многу, има големо искуство, го сака напаѓачкиот фудбал, но и дава шанси на младите играчи. Одлично е да се биде меѓу некој кој толку долго е меѓу најдобрите тренери. Почнувам од почеток, учам, се трудам да се докажам“, додаде Велшанецот.

Јунајтед во моментов е на четвртото место на првенствената табела на Премиер лигата со 14 поени помалку од водечкиот ривал Челзи.

„Црвените ѓаволи“ имаат голем број на повредени играчи меѓу кои Лук Шо, Маркус Рохо, Фил Џонс, Џони Еванс, Дејли Блинд и Радамел Фалкао.