Ван Гог за Нова Година на Јадран Сквер

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски денеска соопшти дека и оваа година ќе биде организирана Новогодишна прослава насловена како „Град во градот 2“, со што ќе се продолжи традицијата на одделна прослава од онаа на Градот Скопје.

Новогодишната музичка манифестација ќе се одвива на Јадран Сквер и ќе трае два дена. На 30-ти декември граѓаните ќе ги забавуваат македонски музички ѕвезди, прво бендот Ареа, а потоа Игор Џамбазов со Гуру Харе бенд и Тамара Тодевска.

Истиот ден, претходно, со почеток во 12 часот на пладне ќе започне и детската новогодишна програма.

На 31-ви декември покрај македонскиот бенд ДНК ќе настапат и САРС од Србија, а за време на дочекот на новата 2015 година ќе свири музичката група Ван Гог.

Музичката група Ван Гог е избрана по спроведена анкета од страна на општината Центар.

За украсување на општина Центар, издвоени се 2,4 милиони денари, а за организацијата на музичкиот спектакл 2,6 милиони денари.