„Ван Хол“ број 1 извозник во САД

Општина Илинден ја продолжува соработката и дијалогот со бизнис секторот, како еден од главните двигатели за локалниот одржлив економски развој на локалната заедница.

Во таа насока, соопштуваат од Општината, се одржа работен состанок меѓу сопственикот на белгиската компанијата за производство на автобуси, Филип Ван Хол и градоначалникот Жика Стојановски, при што била потенцирана добрата соработка меѓу оваа успешна компанија и локалната самоуправа, пред се во делот на образованието и подобрувањето на образовниот процес.

Постоењето на овој светски бренд во Општина Илинден е од огромно значење за локалната самоуправа, но и за регионот, па и пошироко. „Ван Хол“ не само што директно придонесе за намалување на невработеноста, туку овозможи развој и поддршка на повеќе мали компании кои си најдоа свое место како партнери во производствениот процес на „Ван Хол“.

Според зборовите на Филип Ван Хол, со отворањето на фабриката за автобуси во Македонија, за прв пат во 30 годишното постоење на компанијата, „Ван Хол“ стана број 1 извозник на автобуси во Соединетите Американски Држави. Главен придонес за ваквите успешни резултати, како што рече тој, дале квалитетната работна сила и стручноста на кадрите во компанијата во Република Македонија, поради што нивна интенција е со отворање на нови капацитети да го прошират производството и да отворат нови работни места.

Van-Hol-vo-500

Градоначалникот Стојановски ги презентираше работењето, плановите и активностите за равој на Општина Илинден, посочувајќи дека локалната самоуправа и во иднина ќе остане отворена за директна соработка и поддршка на бизнис семејството на Општина Илинден. Тој го искажа своето задоволство од постоењето на вква компанија на територијата на Општината.

Од средбата произлезе заедничка оценка дека во иднина треба да се интензивира соработката во повеќе сегменти, се со цел да се покаже општествената одговорност на оваа компанија во развојот на локалната заедница.

Инаку, Општина Илинден и Ван Хол предминатата година потпишаа Меморандум за соработка во областа на образованието со кој белгиската компанија се обврза да обезбеди практична настава,  обука и работно ангажирање на учениците од Средното стручно училиште „Илинден“, според потребите во сопствените капацитети. Во таа насока на средбата, претставниците на „Ван Хол“ истакнаа дека планираат на дел од учениците кои што ќе се истакнат со своите знаења и ќе пројават инетрес за производствените процеси, директно да им обезбедат можност за вработување.