Ван Перси им се закани на Челзи, Сити, Ливерпул и Арсенал

Иако треба да се одигра и последното првенствено коло од актуелната сезона во англиската Премиер лига, најголемата ѕвезда во дресот на Манчестер Јунајтед, Робин ван Перси веќе им фрли ракавица на најголемите ривали дека шампионската титула многу побрзо од очекуваното ќе се врати на “Олд Трафорд”.

„Да ми верувате, ќе се вратиме. Мора да ми верувате. Подобро да го зачуваш ова интервју”, изјави холандскиот интернационалец веднаш по првенствениот натпревар против Хал Сити кој заврши со сигурен триумф на “црвените ѓаволи” од 3:1.

Со ваквата изјава, Ван Перси стави крај и на сите шпекулации дека ќе си замине од “Олд Трафорд” за време на летниот преоден рок, но големо влијание врз неговата одлука има и најверојатниот ангажман на Луи ван Гал кој во следните неколку дена и официјално ќе биде претставен како нов менаџер на Манчестер Јунајтед.