Вандализираните скапи возила на Шилегови не се пријавени во анкетниот лист

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов ги нема пријавено оштетените возила марка „Ауди“  во вредност од околу 95.000 евра, во анкетниот лист којшто го има поднесено во Државната комисија за спречување на корупција. Тоа го поставува прашањето дали Шилегов крие имот и каков уште сѐ имот поседува а го нема пријавено во анкетниот лист?

Во Македонија според последните информации од МВР коишто ги објави НетПресс денеска, од јуни лани до март годинава биле регистрирани 181 случај на запалени возила, од кои за 46 било утврдено дека намерно биле опожарени. Политичари, судии, новинари, бизнисмени, се на листата граѓани на коишто во изминативе години им биле запалени автомобилите, а на овој список од вчера се придодаде, додуша со демолирање, и скопскиот градоначалник.

Како што објавија медиумите, според Министерството за внатрешни работи, вечерта или ноќта кон четвртокот, сопругата на Шилегов пријавила дека на паркингот пред зградата биле оштетени „нејзиното патничко моторно возило марка „Ауди Q5“ и патничкото возило  „Ауди А5“, сопственост на нејзиниот сопруг“, односно Петре Шилегов, градоначалникот на Скопје.

Од увидот е констатирано дека на џипот е извршено е оштетување на предното лево крило, предниот лев фар , предната и задната лева врата и задното крило, а кај автомобилот е оштетено предното лево крило, предната лева врата, задниот лев штоп и задниот гепек.

 

Скапите возила на Шилегов незамисливи за обичните граѓани

Најевтиниот автомобил произведен од германскиот автомобилски гигант „Ауди“ од моделот А5 без дополнителна опрема кај застапниците во Македонија се продава по цена 45.294 евра, додека најевтиниот Ауди модел Q5 во земјава чини 49.989 евра. И двете возила важат за едни од полуксузните возила, какви пто обичните граѓани не можат ниту на сон да си ги дозволат.

Но Шилегов на анкетниот лист во Државната комисија за спречување на корупција има пријавено дека поседува само едно возило, и тоа „Мерцедес Б170“  во сопственост на неговата сопруга, додека овие два модела на „Ауди“ воопшто ги нема. Се поставува прашање: Дали Шилегов крие имот од јавноста и зошто не ги пријавил двете возила во анкетниот лист?

Согласно Законот за спречување на корупцијата, избран или именуван функционер најдоцна 30 дена од денот на изборот или именувањето е должен да пополни анкетен лист со детален попис на недвижниот имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова или во сопственост на членовите на неговото семејство.

Функционерот, исто така, треба да го наведе и основот на стекнување на пријавениот имот. Тука спаѓа, секако, и купување автомобил. За непочитување на овие одредби од законот односно за  неподнесен анкетен лист, дадени нецелосни податоци во анкетниот лист или непријавена промена на имотната состојба функционерите треба да одговараат прекршочно

 

Богатството на Шилегови

Уште во февраури минатата година, тогашниот висок фунцкионер на сега владејачката СДСМ на социјалните мрежи се пофали дека на својот син му купил нов „Леон“ од 30.000 евра, по што јавноста се запраша од каде му се парите за нов автомоби?! Но, на страницата на Антикорпуциска комисија, овој автомобил не беше е пријавен во имотната состојба на тогаш пратеникот и портпарол на СДСМ, Петре Шилегов.

Според анкетниот лист на Шилегов тогаш поднесен до Државната комисија за спречување на корупцијата, може да се види дека за само две години стекнал три нови стана во вредност од 208.000 евра.

Тогаш, исто така, беше објавено дека во анкетниот лист се наведени на име на брачен другар, односно на сопругата на Петре Шилегов. Двата нови стана од 72 и 64 м2 фамилијата Шилегови ги купила во 2015 година и изнесуваат 160.000 евра, додека во 2016 година Шилегов се подновил со уште еден стан од 68 м2 во вредност од 48.500 евра. За само две години успеале да купат три стана во вреднос од околу 208.000 евра.

Петре Шилегов важи за еден од политичарите кои имаат најбогати анкетни листови во кои има пријавено веќе четири  стана, една куќа од 306 м2, две возила „мерцедес“ и „ауди А4“, како и луксузен накит, уметнички слики и хартии од вредност, во вкупна вредност од над десет милиони денари.

Кога јавноста дозна во 2015 година преку прес-конференција за двата нови стана во луксузната населба во Општина Карпош, Петре Шилегов, нервозно упадна и ја прекина прес конференција, а потоа замина со своето „ауди”.

Сега, пак, останува прашањето каков ќе изледа анкетниот лист кога ќе си заминува од должноста.