Вања Лазарова ќе добие национална пензија

Легендата на македонската музика Вања Лазарова ќе добие национална пензија.Барањето на Лазарова и било одбиено поради тоа што, таа досега немала добиено државна награда и не и бил доделен статус на национален уметник.

„Министерството за култура високо го вреднува уметничкиот труд и големиот придонес на Вања Лазарова во развојот на македонската култура. Вања Лазарова е уметник кој остави длабоки траги во нашата културна историја и во оваа смисла ја поздравуваме иницијативата за собирање на потписи за доделување на национална пензија. Потенцираме дека Владата на РМ и Министерството за култура настојуваат на секој можен начин да го вреднуваат трудот на уметниците кои дадоа и даваат свој придонес во градењето на македонската култура. Токму затоа, со измените на Законот за култура ги воведовме и националните пензии, а донесовме и Закон за доделување на титулата национален уметник на РМ,“ објаснуваат од Министерството за култура.

Националната пензија се доделува на уметници и стручни работници од областа на заштитата на културното наследство кои се добитници на една од државните награди за долгогодишни остварувања во културата и уметноста ( наградите „11 Октомври“, „23 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“).

Во овој контекст, сакаме да информираме дека Вања Лазарова може да се стекне со правото на национална пензија, доколку стане добитник на една од државните награди. Иницијативата за добивање на државна награда до Министерството за култура ја доставуваат стручни и научни установи, правни лица и здруженија.

На наше големо задоволство до Министерството за култура, благодарение на продуцентската куќа „Трето уво“ веќе е пристигната иницијатива за доделување на наградата „11 октомври“ за животно дело за Вања Лазарова. По оваа иницијатива ќе одлучува одбор за доделување на наградата именуван од Собранието на Република Македонија. Добивањето на наградата автоматски ќе значи и исполнување на законскиот услов за стекнување на право за национална пензија за Вања Лазарова.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.