Ванковска: СДСМ ги изневери „граѓаните“ во кои се колнеше

СДСМ ги изневери „граѓаните“ во кои се колнеше. Ова е коментарот на професорката Билјана Ванковска во однос на финализирањето на Договорот од Пржино.

Ванковска која важи за блиска до опозицијата во статус на Фејсбук пишува дека СДСМ ги изневерила граѓаните.

vankovska-1

За некои голем чекор кон победата на демократијата, за некои имплементација на Пржинскиот договор, за мене – мртвородена преодна влада. Се тресеше Македонија, за да се дојде до вакво чудо од влада каква нема никаде на светот. СДСМ уште еднаш ги изневери „граѓаните“ во кои се колнеше: си назначи највисоки партиски функционери за новите места покажувајќи дека најмногу си им верува на своите кадри дури и кога не ги заземаат ресорите за кои се најкомпетентни!, напиша Ванковска.

На социјалните мрежи може да се забележи големо разочарување меѓу членовите на СДСМ. Незадоволни, тие прашуваат дали се бореле за тоа Заев да ги вдоми неговите луѓе.

По синоќешниот договор, нов министер за внатрешни работи треба да биде Оливер Спасовски, сегашниот генерален секретар на СДСМ, а Фросина Ременски да биде нов министер за труд и социјална политика. Потпретседателот Александар Кирацовски ќе биде заменик-министер за информатичко општество и администрација, Кире Наумов заменик-министер за финансии и шефот на кабинет на Заев, Љупчо Николовски заменик-министер за земјоделие.