Вардар денеска против Динамо Волгоград

Ракометарките на Вардар денеска гостуваат во Русија, каде го играат третиот натпревар од главната фаза во Лигата на шампионките, против Динамо Волгоград.

Тренерот Индира Кастратовиќ очекува тежок меч против второпласираната екипа.

– Очекуваме тежок натпревар на гостувањето против Динамо Синара, екипа која се наоѓа на втората позиција на табелата. На последниот меч против Крим Меркатор докажавме дека поседуваме врвен квалитет, и очекувам таков пристап да имаме и на гостувањето во Русија. На првото гостување не одигравме на потребното ниво, и бевме казнети од Лајпциг. Овој пат очекувам да се придржуваме до договореното и да славиме нова победа, изјави Кастратовиќ.

Ова ќе биде и прв натпревар за Јан Питлик, поранешниот селектор на Данска, кој ќе биде дел од стручниот штаб на нашата екипа.

Вардарки во првите две кола имаат половичен успех, односно беа поразени од Лајпциг на гостувањето во Германија со 26:23, а славеа убедлива победа на мечот против Крим Меркатор, на домашен терен со 41:30.

И Динамо Синара има ист ефект, откако загуби од Будуќност на домашен терен (17:25), а славеше на гостувањето против Турингер со (33:30).

Дуелот меѓу Динамо Синара и Вардар ќе почне во 12 часот.