Спорт

Вардар до ФФМ: Дали имате нешто против нас ?

Вардар до ФФМ: Дали имате нешто против нас ?

Фудбалскиот клуб Вардар побара од ФФМ да има ист однос кон сите клубови во ПМФЛ, односно исти казни за сите пропусти на тимовите и недоличното однесување на нивните навивачи.

Во новата сезона речиси по секој натпревар Вардар е санкциониран од страна на ФФМ, без разлика дали е тоа поради навивачите, поради организација на натпреварите, или нешто трето, а според информациите вкупната сума која „црвено-црните“ треба да ја платат е 5000 евра.

Од Вардар прашуваат дали ФФМ има нешто против нив и зошто секогаш тие се казнувани, кога исти или слични пропусти прават и останатите клубови во ПМФЛ.

– Вардар е казнуван секое коло, досега од овие три кола сме казнети 5.000 евра. Во Битола поради случувањата на трибините, во Скопје на натпреварот со Шкендија поради навредливо навивање, а навредливото навивање од страна на навивачите на Шкендија е сеуште под постапка на ФФМ. Ф.К. Брегалница е казнета поради наводно слаб сигнал на интернетот, а бевте и самите сведоци за недостатоците кои се присутни низ терените ширум Македонија. Дали Г. Илчо Ѓорѓиоски, претседателот на ФФМ ќе ја спроведува истата пракса од времето на Љубисав Иванов – Ѕинго кога пред секое коло Вардар беше казнуван? Пред почетокот на оваа натпреварувачка сезона, Вардар беше казнет за натпреварот од последното коло во минатата сезона, а поминаа 4 месеци од тој натпревар. Се надеваме дека нема заговор против Вардар и дека ФФМ ќе обезбеди фер и коректни услови за фудбал за сите клубови подеднакво во Македонија, изјави претседателот на ФФМ Мирко Спасески.

Успешната организација на натпреварите е сериозен проблем речиси кај сите клубови во македонската фудбалска лига. Извршниот директор на Вардар Самоил Симев вели дека клубот вложува многу средства за организација и безбедноста на натпреварите, а ФФМ тоа би треба да им го наложи и на останатите екипи, сето тоа во рамките на правилниците и статутите на ФФМ.

-Како што може Вардар да ги сноси тие трошоци за организација, јас мислам дека секој клуб во Првата лига би требало истото да го превземе. Сето тоа е само да добиеме подобра слика за македонскиот фудбал и да обезбедиме подобри услови, пред се за фудбалерите. За фудбалерите мора да се обезбедат максимални услови доколку сакаме да гледаме добар фудбал. Не само силен и моќен Вардар, има и други клубови кои сакаат да донесат повредни играчи, а верувајте такви играчи во едно вакво првенство тешко би прифатиле да дојдат и да играат, изјави извршниот директор Самоил Симев.