Вардар до третата европска победа летово, совладан и фаворитот Фенербахче

Фото: gol.mk

По победите над Малме и Копенхаген на домашен терен, македонскиот фудбалски првак Вардар во плеј-офот во фудбалска Лига Европа во четвртокот вечерта со 2:0 (1:0) славеше и над турскиот гигант Фенербахче.

Иако два дена пред натрепварот дојде до смена на клупата на Вардар, на којшто седна Чеде Јаневски, играта на македонскиот шампион беше одлично поставена а играчите одиграа максимално дисциплинирано. Вардар ги искористи своите шанси и иако не го надигра противникот, си обезбеди солидна предност пред реваншот во Истанбул за седум дена.

Натпреварот меѓу македонскиот и турскиот гигант започна без посебни воздбудувања, со позатворена варијанта од двете страни, до 20 минута кога Вардар дојде во водство преку Тигран Барсегјан. Ерменецот кој порди заминувањето на Балотели во Кувајт на овој меч настапи како прв напаѓач доби одлична топка во длабочина, излезе сам пред голманот Камени и силно шутираше по земја.

Фенербахче ја имаше најдобрата шанса на мечот преку Дирар, кој откосо биеше кон голот на Вардар, но сепак, Гачевски со одлична парада исфрли  во корнер. Во 34 минута шанса имаше и Алпер Потук, но Гачевски повторно беше на висината на задачата и го спаси Вардар, а пред самиот финиш се закани и Соуза, но неговиот удар мина крај дирекот. Фенербахче постигна гол пред финишот на првиот дел преку Ал Калдирим, но оправдано беше поништен поради офсајд. Вардар замина на полувреме со предност од еден гол (1:0).
Турскиот тим во вториот дел тргна да напаѓа, но повторно делуваше неубедливо. Тренерот Кочаман за да ја освежи играта во 65 минута од средбата го внесе и Роберто Солдадо, кој го освежи нападот, но сепак, не придонесе многу во наредните 10 минути од средбата. Вардар по вторпат се закани дури во 77 минута, преку Фелипе и Хамбарџумјан, но нивните обиди завршија со волеи високо над голот.

Фенербахче во последните минути имаше неколку големи шанси, но шутевите завршија надвор од рамката на голот на Гачевски. Во финишот од мечот македонскиот тим остана и со играч помалку затоа што поради втор жолт картон исклучен беше капитенот Бобан Грнчаров.
Во самиот финиш од натпреварот, играчите на Фенербахче си постигнаа и помлаку комичен автогол. Мехмет Топал, во обид со глава да ја врати топката до голманот Камени го лобуваше за конечните 2:0. Во судиското продолжение со играч помалку остана и Фенербахче, поради исклучувањето на Соуза.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.