Вардар експрес понуди највисока цена за парцелата за градење хотел под Кале

Денеска се одржа електронско јавно наддавање за отуѓување на градежно неизградено земјиште сопственост на Република Македонија за изградба на хотелски комплекс во општина Центар, предвидено со Детален урбанистички план за дел од Спортско-рекреативен центар „Кале“, Блок 2, информираат од Министерството за транспорт и врски.

„Станува збор за една градежна парцела, наменета за изградба на хотелски комплекс со површина 2.350.2 м2 чија почетна цена на електронското јавно наддавање изнесуваше 61 денар од метар квадратен. Најповолен понудувач на одржаното електронско јавно наддавање е правното лице „Вардар експрес“ ДОО – Скопје со понудена највисока цена од 6.780 денари за метар квадратен, односно вкупно 15.933.000 денари за целото земјиште,“ додаваат оттаму.

Најповолниот понудувач е должен во рок од 15 дена од денот на завршување на постапката за јавно наддавање да ги уплати средствата согласно постигнатата крајна цена од електронското јавно наддавање.